Воена парада во Загреб: Ново оружје, стари историски дилеми
31 јули 2025Хрватска во претстојните денови ќе ја слави 30-годишнината од својата воено-полициска ослободителна акција „Бура“, меѓу другото и со парада на вооружените сили што ќе се одржи денеска, 31 август, во Загреб. Се чини дека самиот настан има повеќе други мотиви отколку што се гледа, иако се споменува само „округлата“ годишнина. На пример, договореното масовно ново наоружување на земјите-членки на НАТО што ќе изискува двојно повеќе инвестиции од хрватскиот јавен буџет отколку денес, па таквиот трошок треба и како-така да се оправда. За тоа ќе послужат некои од најновите парчиња скапа воена опрема што Хрватска ги набави во последно време, но парадата треба и генерално да ја популаризира воената служба. Во земјата забрзано течат подготовки за повторно воведување на задолжителен воен рок. Ова е четврта парада во 34-годишната историја на Република Хрватска.
Без ново претерано надмудрување
Со независниот политички аналитичар Давор Ѓенеро разговаравме за една теза потенцирана во изминатите недели во делови од јавноста - дека парадата се организира првенствено заради порака до Србија, која потоа во септември, ќе организира своја парада како одговор на таа порака. „Нема никаква причина да се споредуваат двете паради, просто затоа што Хрватска е во НАТО и не создава самостојно свој одбранбен систем, ниту пак првенствено во однос на Србија. Но, секако очигледно е дека Александар Вучиќ многу инсистира на таква споредба“, смета Ѓенеро. „На пример, нему му беше многу важен фактот дека Србија во последните години ја надмина Хрватска во индексите за воена готовност“, вели тој и додава дека „додека овде посебно не се вознемируваа околу тоа“. Како и некои други аналитичари во Хрватска, Ѓенеро смета дека нема место за тезата двете земји да се гледаат низ таквите манифестации. Од хрватска перспектива, убеден е тој, фокусот е повеќе на други аспекти, кои се многу порелевантни од каква било причина за ново „претерано“ надмудрување. „И двете се однесуваат на контекстот на НАТО и немаат никаква врска со Србија“, нагласува Ѓенеро. Пред сè, станува збор за ново преуредување на релациите во НАТО по нападот на Русија врз Украина и почетокот на вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп. „Ерата позната како Пакс Американа помина, а сега сè е сомнително и проблематично, а пред сè трошоците за одбрана на Европа. Поврзано со ова е и општото редизајнирање на економските и политичките односи меѓу државите и континентите. Хрватска си го бара своето место, а посебно бара начин да го компензира планираниот трошок за војската. Да го искористи вооружувањето за развој на својата индустрија“, вели аналитичарот.
Болните трошоци за наоружување
„Но, до сега имаме само две важни корпорации, ХС Продукт и Шестан Буш, со новости од компанијата Орка кои се чинат интересни. Од друга страна, за Хрватска е исклучително неугодно што ја уништи својата бродоградбена индустрија, па сега веќе нема капацитет да изгради сопствена воена флота, која мора да ја има и поради крајбрежната стража“, заклучува Давор Ѓенеро. Се наметнува претпоставката дека Хрватска барем во економски поглед ќе го извлече подебелиот крај, кога станува збор за наоружување. Растот на војската во тој поглед тешко ќе може да се оправда, а последиците ќе се почувствуваат во цивилните јавни издатоци.
Иван Шибер, експерт по политичка психологија и маркетинг и почесен професор на Универзитетот во Загреб, смета дека сме сведоци на тоа како цела Хрватска се обидува да најде потпорни точки за да ја оправда логиката на власта и општата ситуација. А неа според него, ја карактеризираат јад и беда. „Не се тоа премногу груби зборови“, вели Шибер за ДВ, „затоа што и политички и економски и демографски и секако е така. Округлата бројка на годишнината од операцијата 'Бура' е практична за реклама. Но, јас би ја споредил парадата и нејзината значителна цена со таа скромна, маргинална комеморација пред два и пол месеци“. Нашиот соговорник притоа мисли на прославата на 70-годишнината од крајот на Втората светска војна во Хрватска. Власта беше доста резервирана во врска со тоа. „Но, затоа во медиумите можеше да се прочита како тоа воопшто не ни било ослободување, што е став зад кој неформално стојат најсилните политички сили во земјата. Според нив, Хрватска почнува дури во 1991 година, додека целата наша праисторија е тага и жалост. Се разбира, со ваквите забелешки не сакам да го намалам значењето на операцијата 'Бура', ниту нејзиното прославување, но за нас историската слика е крајно неурамнотежена, како во САД со граѓанската војна“, смета Иван Шибер.
И натаму проблем со партизаните и усташите
„Знаете, во филмовите и на други места секогаш може да почувствувате во преден план некаков вид страдање на американскиот Југ“, вели политикологот „и нивната традиција и очигледно, изразено негодување. Но, кога зборуваме за Америка, во Хрватска треба да знаеме и дека на пример комплетното ирско население било испратено директно на првата линија на фронтот, во замена за државјанство! Го споменувам ова заради денешните најави за некои нови војни, според кои и оваа парада стои во одредена релација. Но, ние и натаму имаме проблем со Втората светска војна, партизаните и усташите, каде што победата на едните автоматски значи пораз на другите, без компромис“, посочува Шибер.
Тој инсистира на ставот дека презентацијата на оружјето за Хрватска не може да биде од толку големо значење колку што би било доследното претставување на националната политика и веродостојна позиција во меѓународните односи. „Хрватските државни власти мора да се усогласат со нашиот устав, да престанат да се срамат од победата во Втората светска војна, да се свртат искрено кон овие вредности, па и парадите ќе си дојдат на своето“, вели тој во врска со овогодинешното одбележување на операцијата „Бура“ и набавката на ново оружје. Зад таквите политики на интензивно наоружување мора да стои конкретна политика на однос спрема сопственото минато, имајќи ги предвид 40-тите и 90-тите години од минатиот век, или ќе биде тешко да се зборува за каква било иднина на Хрватска, убеден е Шибер.