Во Унгарија практично почна кампања: Референдум за Орбан
28 јули 2025Во Унгарија, летните месеци обично се „бавна сезона“, или како што унгарските медиуми буквално го нарекуваат политичкото летно затишје - „време на кисели краставици“. Единствениот значаен момент во овој период е обично говорот на Виктор Орбан на крајот на јули во Баиле Тушнад, во Романија. Таму, унгарскиот премиер често објавува далекусежни одлуки, како „нелибералната држава“ во 2014 година.
Сепак, оваа година досега немаше недостаток од летни вести. Во надворешната политика, владата на Орбан со недели додава масло на огнот на антиукраинската кампања. На културниот фронт, пропагандистите на Орбан речиси секојдневно ги разгоруваат чувствата против наводните ексцеси на унгарската младина и музичката култура. На ова се додава и тековната кампања против конзервативниот опозициски лидер Петер Маѓар, чија партија Тиса (Почит и слобода) постојано достигнува нови рекордни вредности во анкетите. До парламентарните избори во Унгарија има уште цели 9 месеци - тие, според очекувањата, треба да се одржат во април 2026 година. Но, расположението за промени веќе станува сè позабележително. Големи делови од унгарското население посакуваат промена на власта и системски нов почеток. Орбан и неговата влада одговараат со турбо-кампањи кои сè повеќе го поларизираат општеството.
Дигитални граѓански кругови
Минатата сабота (26 јули 2025 година), шефот на унгарската влада со својот говор во Баиле Тушнад практично ја отвори овогодинешната изборна кампања. Неговиот противник, Петер Маѓар, го следеше примерот со говор пред поддржувачите во Секешефехервар, западна Унгарија - тоа беше дел од 80-дневната турнеја на унгарскиот опозициски лидер низ земјата, која симболично треба да заврши на 23 октомври, денот кога се одбележува годишнина од антикомунистичката и антисоветската револуција од 1956 година. По овие настапи, едно е јасно: изборите следната година ќе бидат, како што тоа го рече и Маѓар во својот говор, „референдум за Виктор Орбан“ - а неговото соборување или задржување на власта ќе биде доминантното прашање во следните девет месеци.
Мерено според тонот, шефот на унгарската влада во Баиле Тушнад оваа година одржа, за неговите стандарди, мирен говор. Тој се воздржа од користење навредлив јазик за противниците или десноекстремни борбени пароли. Како негова изборна цел за 2026 година, тој објави дека неговата партија Фидес (Сојуз на млади демократи) сака да освои 87 од 106-те директни пратенички мандати. За да се постигне ова, Орбан, меѓу другото, повика на воспоставување таканаречени „кругови на дигитални граѓани“.
„Граѓанските кругови“ беа мали, локални групи поддржувачи иницирани од Орбан по неговиот пораз на изборите во 2002 година. Тие не беа нужно членови на Фидес, туку станаа активни за него и неговата партија низ целата земја. Во тоа време, Орбан повика на формирање такви групи со една незаборавна фраза: „Татковината не може да биде во опозиција“. Оттогаш, Орбан се изедначи себеси и својата партија - „националниот табор“ - со унгарската нација. Сите други не припаѓаат тука или се дури и предавници.
Дигиталните граѓански кругови сега имаат за цел да го направат премиерот попривлечен на социјалните медиуми. Меѓу младите гласачи и генерацијата под 35 години, Орбан и неговата партија се исклучително непопуларни, понекогаш дури и омразени, меѓу другото и поради нивните претензии за единствено национално претставување.
Дали Унгарија сè уште ги исполнува своите обврски кон НАТО?
Севкупно, говорот на Орбан јасно ги отфрли врските на Унгарија со Западот и нејзината припадност на Европската Унија. Од шесте центри на моќ во светот, рече тој, Унгарија има добри односи со пет: „Американците, Русите, Кинезите, Индијците и турскиот свет“. Лошо е единствено со Брисел. Орбан не понуди ветување за какво било подобрување, туку се закани, меѓу другото, дека ќе стави вето на новиот буџет на ЕУ ако Брисел продолжи да ја поддржува Украина и да ја промовира нејзината брза интеграција во ЕУ. За разлика од Западна Европа, Унгарија, вели тој, не е подготвена да ги напушти своите „културно-христијански вредности“. Орбан го сумираше својот став на следниов начин: Унгарија нема да се вклучи во „војна, миграција и род“ - како што наводно прави Брисел.
„Големата стратегија“ на Унгарија, објасни Орбан, е повторно да ја направи земјата „голема и богата“. Премиерот дури индиректно остави отворено дали Унгарија ќе ги исполни своите обврски кон НАТО алијансата додека е тој на власт. Тој долго објаснуваше зошто трета светска војна станува сè поверојатна и изјави дека Унгарија мора да „се држи подалеку од војните“ по секоја цена и затоа треба да одржува добри односи со сите центри на моќ во светот. Во овој контекст, Орбан со ниту еден збор не го спомена НАТО или можното сценарио за руски напад врз земја од НАТО.
Говор на Маѓар за Европа
Сосема спротивен од овој говор беше оној на конзервативниот опозициски лидер Петер Маѓар во Секешфехервар, западна Унгарија, под мотото „Местото на Унгарија во Европа и светот“. Уште на почетокот, Маѓар ги нагласи европските и западните врски на Унгарија од основањето на државата и јасно се дистанцираше од Русија, нејзината војна против Украина и руската агресивна политика воопшто. Тој ја увери ЕУ во конструктивно и критичко членство, а НАТО во недвосмислена лојалност. И вети дека повторно ќе ја направи Унгарија предвидлив и сигурен партнер во сојузот.
Свесен дека меѓународната јавност ги гледа Орбан и Унгарија во последниот викенд од јули, Маѓар во говорот за првпат намерно зборуваше многу за надворешната политика и зборуваше за себе како иден премиер. Покрај дистанцирањето од Русија, тој особено се осврна на унгарско-полските односи, кои Орбан ги наруши. Кажа дури и неколку зборови на полски и изјави дека неговото прво патување како премиер ќе биде во Варшава. Тој, исто така, ги увери другите соседни земји на Унгарија во конструктивна, партнерска соработка.
Надарен говорник
Петер Маѓар, некогашен член на Фидес и поранешен сопруг на поранешната министерка за правда на Орбан, Јудит Варга, како отпадник стана познат пред година и пол и оттогаш има невидена кариера како политички предизвикувач на Орбан. Тој е надарен говорник кој постојано успева да изведе десетици илјади незадоволни Унгарци на улиците. Тој претставува позиции слични на оние на Фидес на Орбан, но ниту со иста жестокост ниту со барање за ексклузивност. На пример, и тој се спротивставува на брзо членство на Украина во ЕУ, но се залага за умерен дискурс по ова прашање.
Маѓар знае како да ги грабне слоганите на Орбан и неговата партија и да ги разоткрие двојните стандарди на премиерот и Фидес. Понекогаш, тоа дури се граничи и со популизам. Тој постојано и елоквентно ветува транспаретна држава без корупција и крај на општествената поларизација - и двете работи наидуваат на добар одзив кај многу разочарани гласачи на Орбан.
Повеќето независни медиуми и набљудувачи ги оценуваат двата говора не само како контрадикторни, туку и како судир на два вредносни системи. Дали Унгарците ќе бидат слободни да изберат помеѓу двата, или пак Орбан ќе ги искористи сите средства за да го спречи губењето на власта, останува да се види. Во својот говор во Баиле Тушнад, премиерот рече дека „одлучивме да не им дозволиме на Тиса и ДК [левичарско-либерална опозициска партија, н.з.] да формираат влада затоа што сакаме Унгарија да има влада на мир и национална влада“. Орбан остави отворено што значи оваа забрана за опозицијата.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик