Се нижат огласи за вработувања пред локалните избори
16 јули 2025Во пресрет на есенските локални избори во Македонија, веб-страницата на Агенцијата за администрација е преплавена со огласи за вработување. Се бараатадминистративни работници за во министерствата, општините, јавните претпријатија, болниците, а огласите се отворени до крајот на јули, по што започнуваат да важат изборните правила, согласно кои постапките треба да се стават во мирување, освен во случај кога се итни и неодложни.Десетици огласи за вработување објави Министерството за социјална политика, демографија и млади, а бројни активни повици за ангажирање нови кадри има и во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Со нова работна сила ќе се „зајакнуваат“ и Фискалниот совет, Агенцијата за вработување, Министерството за финансии, Царинската управа, Градот Скопје, но и останатите општини коишто поитаа да вработуваат во предизборието.
МВР ќе вработува 150 полицајци
Конкурс за прием на 150 униформирани полициски службеници распиша и Министерството за внатрешни работи. Полицијата ги повикува сите млади непартиски членови под 25 години мажи и жени со висина од минимум 170 и 160 сантиметри, со завршено средно образование на кои не им е изречена правосилна казна, да се пријават на огласот за кое работно место ќе претходи едногодишен интензивен процес на образование, тренинг и обука.
Но, кандидатите ќе треба да направат и по девет склекови за мажи и шест за жени, стомачни подигања, а ќе се тестираат и на скок во далечина од место и спринт на 20 и 100 метри, со цел да се изврши нивна селекција.
„Да се биде полицаец е повик а не обична професија. Затоа придружи не се, прифати го својот повик, биди полицаец. Ако се одлучиш да го следиш својот повик, да го прифатиш предизвикот, те очекува едногодишен интензивен процес на образование, тренинг и обука“, се вели во повикот на МВР.
Наплив на огласи
Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) и Синдикалната организација при Агенцијата за администрација неодамна алармираа за рекорден наплив на огласи за вработување во предизборниот период поради што побараа зголемување за 30 проценти на платите на вработените во Секторот за селекција на кандидати за вработување. До 9 јули имало 730 објавени огласи за вработување на повеќе административни службеници, што, според нив, е највисока бројка на објавени огласи за вработување од кога постои Агенцијата за администрација.
Тие преку соопштение потенцираа дека секојдневно со години наназад се соочуваат со притисоци (институционални, административни, политички, јавни и психолошки). „ Со години наназад пред распишување на сите досегашни избори, а и оваа година, за да се завршат огласите пред да се распишат локалните избори, вработените од Секторот за селекција во Агенцијата за администрација работат под исклучително голем притисок кој произлегува од спроведувањето на постапките во многу кратки рокови, што директно влијае на нивното ментално и физичко здравје како и попречување на нивното нормално функционирање надвор од работното време“, порачаа од синдикатот.
Станува збор за пракса којашто се повторува пред секој изборен циклус и покрај бројните критики од ЕУ за гломазната администрација, потребата од нејзина департизација и итна реформа. Надлежните најавуваат нови законски решенија за подобрување на услугите и ефикасноста на јавната администрација. Министерот за јавна администрација Горан Минчев, неодамна најави дека усвоените реформски закони - Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници ќе значат крај за партиските вработувања, клиентелизмот и формалните реформи што со години служеа како параван за нефункционалност.
Во јавниот сектор до 31 декември 2022 година биле вработени 129.374 лица во 1. 354 институции. Во споредба со 2021 година, бројот на вработени во јавниот сектор е намален за 2.714 лица.