Во сила е првата фаза од новите царини на Трамп
5 април 2025Од овој чекор се стравуваше долго време. Претседателот Доналд Трамп го нареди во средата и сега првиот дел од планот е веќе спроведен: Отсега, САД ќе собираат десет отсто царини за речиси сите стоки што доаѓаат во земјата. Минималната општа стапка од 10 проценти е во сила за повеќето увозни стоки од саботата (5 април, 2025) во 12:01 часот по источно време на САД (06:01 по средноевропско време).
Сепак, според соопштението на американската Царинска и гранична заштита, постои грејс-период од 51 ден за стоки што веќе биле натоварени на бродови или авиони на пат кон САД пред полноќ. Овие стоки мора да пристигнат во САД до 27 мај за да ја избегнат новата царина. И: Производите што се стратешки важни за САД се ослободени од новите царини - барем засега.
Втората фаза од среда
Царините од десет проценти за увоз што сега се применуваат се само првиот чекор: на 9-ти април ќе следат повисоки царини за голем број земји. Оттогаш, 20 процентно царинење ќе важи за стоките и услугите од Европската унија. За Северна Македонија пак таа ставка ќе изнесува 33 проценти.
Трамп го објави огромниот тцарински пакет во средата на настан кој со недели се најавуваше во Градината на розите во Белата куќа во Вашингтон. 78-годишникот ги обвинува меѓународните трговски партнери за „ограбување“ на САД.
Вториот чекор, почнувајќи од следната среда, вклучува сложен механизам. Ова предвидува уште повисоки царини за земјите со кои американската влада смета дека има особено голем трговски дефицит. Само некои стоки се ослободени од тарифи.
Тука спаѓаат, меѓу другото, стоки за кои веќе важат други царински прописи, како што се производи од челик и алуминиум или автомобили и делови за автомобили. Покрај тоа, некои други стоки како што се бакар, фармацевтски производи, полупроводници, производи од дрво или одредени критични минерали се ослободени од царини. Сепак, Белата куќа јасно стави до знаење дека Трамп наскоро може да објави и специјални царини за такви стоки.
Се очекуваат повисоки цени и помал раст
Трамп претходно го најави денот на објавувањето на реципрочните царини како „Ден на ослободувањето“. Тоа е најагресивниот и најзначаен чекор во трговската политика на американскиот претседател досега. Републиканецот вети дека царините ќе го вратат „златното доба“ на САД .
По најавата на Трамп, меѓутоа, првично беа уништени милијарди долари капитал. Цените на акциите на глобално ниво доживеааја драстичен - вклучително и во САД.
Политичарите и економистите ширум светот остро ги критикуваа постапките на Трамп. Шефот на американската централна банка ФЕД Џером Пауел предвиде повисока инфлација и побавен раст за САД. Глобалниот трговски конфликт може да ја втурне глобалната економија во длабока криза.