Во рускиот напад на Киев оштетено претставништвото на ЕУ
28 август 2025Претставништвото на Европската Унија во Украина е оштетено во големиот руски воздушен напад врз украинскиот главен град Киев. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на платформата Х ја обвини Русија дека намерно ги таргетира дипломатите. Тој изјави дека тоа е кршење на Виенската конвенција и дека е неопходна меѓународна осуда на нападот. „Изразуваме солидарност со нашите колеги од ЕУ и сме подготвени да дадеме поддршка“, рече Сибиха, која објави и фотографии од оштетувањето на канцелариите.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос ги осуди „бруталните напади“. Таа на платформата Х напиша:. „Јасен знак дека Русија го отфрла мирот и го избира теророт“.
Фон дер Лајен: Персоналот на ЕУ е безбеден
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, потврди дека ниту еден член на персоналот во претставништвото на ЕУ не е повреден во рускиот напад врз Киев. „Уште една ноќ на немилосрдно руско бомбардирање ја погоди цивилната инфраструктура и уби невини луѓе“, напиша таа на платформата X. „Нашата делегација на ЕУ во Киев исто така беше погодена. Персоналот на нашата делегација е безбеден. Русија мора веднаш да ги запре своите неселективни напади врз цивилната инфраструктура и да се вклучи во преговори за праведен и траен мир“.
Кошта вели дека нападот врз зградата на ЕУ е „намерен“
Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, исто така, ги осуди руските напади врз Киев. Тој нагласи дека е „ужасен“ од ноќните напади врз Украина. Кошта изрази и солидарност со жртвите и персоналот на делегацијата на ЕУ во Украина и го опиша рускиот напад врз дипломатската мисија на Унијата како „намерен“.
„ЕУ нема да биде заплашена. Агресијата на Русија само ја зајакнува нашата решеност да стоиме на страната на Украина и нејзиниот народ“, напиша тој на платформата Х.