Пред средбата Трамп-Путин: Европа обединета
14 август 2025100-тиот ден од доаѓањето на власт, германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој всушност е на одмор, веројатно си го замислуваше поинаку – наместо да се опушта, се занимава со војна и мир и голема дипломатска офанзива. Во петок рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска ќе разговараат за иднината на Украина - без Украина и без Европа. Канцеларот Мерц во пресрет на средбата беше домаќин на виртуелна подготвителна конференција во Берлин. Поканети беа неколку шефови на држави и влади од Европа и претставници на Европската комисија и на НАТО. Почесни гости беа американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој допатува во Берлин. Неговата порака гласеше дека сакаат „мир за Европа и светот“. Тој побара итен прекин на огнот и безбедносни гаранции за неговата земја.
Канцеларот Мерц: „Надеж за мир во Украина“
Мисијата на иницијативата Мерц е да се демонстрира единство пред Владимир Путин, кој со години води крвава војна против Украина и до сега нејќе да чуе ниту за прекин на огнот, ниту за мир во регионот. Покрај тоа, претседателот на САД треба да биде спречен да прави отстапки за Русија, кои не се претходно договорени. „Во Алјаска мора да бидат запазени фундаменталните европски и украински безбедносни интереси“, нагласи канцеларот и додаде дека „има надеж за придвижување и за мир во Украина“.
Трамп е свесен за таквиот став и „во многу голема мерка“ го споделува, рече Мерц оставајќи простор за толкување. Претседателот на САД, Трамп, уште пред виртуелниот самит во Берлин рече дека има чувство оти Европејците сакаат „договор“.
Трамп сака да го зголеми притисокот врз Путин, но малку што има да понуди. Иако по секоја цена сака мир, тој значително ги намали испораките на оружје за Украина. Тој не може да преговара за територијални отстапки, оти тоа веројатно би било можно само со европска и, пред сè, согласност на Украина.
„Размена на територии“ – една од опциите?
Американскиот претседател во изминатите денови постојано зборуваше за „размена на територии“. На ЕУ – а, веројатно и на Украина – им е јасно дека Русија нема да ги врати окупираните територии во догледно време. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, неодамна изјави дека „мора во моментов да примиме на знаење дека Русија контролира дел од украинската територија“. Во однос на територијални прашања е важно да се прави разлика меѓу „де факто“ и „де јуре“ признавање, рече Руте. Евентуален договор би можел, на пример, да предвидува дека Русија де факто контролира одредени територии, без таквата контрола да биде правно прифатена. Украина е подготвена да преговара за територијални прашања, беше сега порачано од Берлин. Сепак, почетна точка мора да биде моменталната линија на фронтот. „Правно признавање на руската окупација не е предмет на дебата“, нагласи Мерц.
Путин останува со цврст став - без отстапки
Русија моментално држи околу една петтина од украинската територија делумно или целосно под своја контрола. Портпарол на руското министерство за надворешни работи во средата изјави дека Русија нема да се повлече од регионите во Украина кои веќе ги контролира во најголем дел, односно Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон. Тој не го спомена полуостровот Крим, кој што Русија го анектираше во 2014 година, спротивно на меѓународното право. Самитот во Берлин е едноставно „безначаен“, додава портпаролот. Рафаел Лос, експерт за безбедност при Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), го смета самитот ЕУ-НАТО-САД во Берлин генерално за успех, како што вели во интервју за ДВ и верува дека „Фридрих Мерц и неговите европски колеги ја постигнаа својата цел да артикулираат обединет фронт“.
Но, „прашањето што точно би можеле да подразбираат територијални отстапки или размени е прашање по кое Европејците и САД не се согласуваат“. Административните области што ги поддржува Русија и Крим, според меѓународното право недвосмислено ѝ припаѓаат на Украина. Околноста што Русија има ефективна контрола врз најголем дел од овие територии, или што нелегално ги анектирала, не менува ништо на тој факт. Отстапување на украинска територија би барало промена на украинскиот устав, што Зеленски повторно го нагласи на прес-конференцијата во Берлин. За секое прашање што се однесува на територии, „мора да се земат в предвид луѓето и нашиот устав“, рече тој.
Кој е можен исход од средбата Трамп-Путин?
Што ќе произлезе од првата средба меѓу Путин и Трамп во петок, првата ваква средба за време на вториот мандат на Трамп, е нејасно. Можни се три сценарија, анализира експертот за безбедност Рафаел Лос во разговор со ДВ. „Најдобрата опција би била Доналд Трамп да увиди дека Владимир Путин го влече за нос и потоа да застане со Украина и Европејците. Втората опција би била да се одржи статус кво. Најлошиот исход би бил ако во Алјаска се постават темелите за нормализација на односите меѓу САД и Русија, а Украина - но и европскиот безбедносен поредок - настрадаат во тој процес.“
Солидарност на ЕУ со Украина - закана со санкции
Доколку Русија во петок не направи никакви отстапки за Украина, ѝ се закануваат натамошни санкции од ЕУ и САД. 19-ти пакет со санкции од ЕУ веќе се планира, објави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи Каја Калас на почетокот од неделава.
26 од 27-те земји-членки на ЕУ во заедничка декларација застанаа категорично зад Украина. Тие нагласија „дека меѓународни граници не може да се менуваат со примена на сила“. Само десно-конзервативната влада на премиерот Виктор Орбан ја отфрли декларацијата и рече дека натамошни санкции против Русија не водат до целта.
Русија го зголемува воениот притисок во пресрет на самитот
Додека Европа и САД разговараат за мир за Украина, Русија пред самитот во Алјаска напаѓа. Новинската агенција АФП јавува дека Русија во Украина остварила најголеми територијални придобивки во рок од еден ден. Тоа го покажала анализа на податоци. Само јужно-украинскиот регион Херсон утрово пријави три смртни случаи. Агресорската војна на Путин против Украина продолжува да беснее и во други региони. Германскиот канцелар Мерц испрати неколку пораки до американскиот претседател пред преговорите во Алјаска. „Сакаме претседателот Трамп да постигне успех во Анкориџ во петок“, додавајќи дека „Украина мора да биде на преговарачката маса на сите натамошни состаноци“.