ССМ не се откажува од 500 евра минимална плата
29 јули 2025Во пресрет на седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС), на која што се очекува да се отворат повеќе прашања околу платите на работниците и пресметката на потрошувачката кошница, синдикатите порачаа дека не се откажуваат од своите барања за 500 евра минимална плата и повисоки плати за сите вработени во Македонија.
Откако Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) го доби решението за репрезентативност, најави дека на седницата на ЕСС којашто треба да се одржи в среда (30.07) ќе го отвори прашањето за 500 евра минимална плата и за 6.000 денари дополнително зголемување на сите други плати.
ССМ бара минимална плата од 500 евра
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, пред средбата ги изнесе ставовите на синдикатот. Вели дека ова е добра можност Владата да покаже дека се грижи за работниците, а пратениците пред локалните избори да донесат брзи законски измени и да утврдат минимална плата од 500 евра.
„Причини за раст на платите има многу - вредноста на синдикалната минимална кошница од јануари 2024 до јануари 2025 година е зголемена за околу 6.500 денари, а по завршување на мерките на Владата истата е зголемена за дополнителни 2.000 денари или на едно семејство му недостасуваат околу 150 евра за овозможување на најосновните услови за живот“, вели Трендафилов.
Втора причина, додава тој, е тоа што 55,7 % од работниците во Македонија, според податоците на Евростат, не можат да си дозволат годишен одмор во траење од 7 денови, ниту во бунгалов во Дојран.
Најниска минимална плата во регионот
ССМ смета дека минималната плата во Македонија е најниска во регионот. „Минималната плата во Србија од октомври ќе изнесува 500 евра или за 100 евра повеќе, минималната плата во Босна и Херцеговина веќе изнесува 511 евра или за 111 евра повеќе, а во Црна Гора минималната плата е 600 со 800 евра или за 200, односно 400 евра повеќе од минималната плата во Македонија“, вели Трендафилов.
Тој апелираше до пратениците од владејачкото мнозинство да смогнат сили и во наредните три дена, по брза постапка да изгласаат вонредно зголемување на минималната плата, оти таквата можност ќе згасне откако Собранието ќе ги распише локалните избори.