Америка, т.е. САД, и Македонија, т.е. Северна Македонија, ги избирам како примери на земја со етаблиран капитализам и на земја која од комунизам зачекорила во капитализам. Се разбира, богатењето, воопшто имотот, капиталот, е заедничка ѕвезда водителка на двете држави. Нијансирањето во насловот цели да укаже на специфичните разлики во однос на збогатувањето на политичките елити во двата случаја. Кај американската по правило станува збор за семејно наследство, кај македонската - за богатење преку учество во власта. Се разбира, растот на богатството им е заеднички мотив, и тоа е најдлабокиот корен на проблематичниот успех на капитализмот.
Актуелните македонски мултимилионери, се деца на црвени директори кои ги приватизираа/опљачкаа фирмите што ги раководеа. Додека „личните доходи” на нивните татковци беа регулирани во определени соодноси на платите на сите вработени во фирмата, сега потомците директори (бизнисмените, работодавачите) стекнуваат милиони, а на потомците вработени им фрлаат милост почнувајќи со минималец од триста евра месечно.
Таа криминална приватизација се изврши со „транзиција” во челните државни функции на лица од комунистичката номенклатура и од тајните служби (длабоката држава). За загрижување е над битието на човекот како, по падот на комунизмот, преку ноќ ги снема сите скрупули од традицијата на „слобода, еднаквост, братство”, освежени со југословенското „братство - единство” и како нивното место го зазеде презрениот капитал. Па така осамнавме со партии свртени со грб кон општеството, за кои власта е средство за богатење, кои се борат за власт за да се збогатат., промовирајќи ги политичарите во бизнисмени, своите членства во клиентела, а политичките конкуренти во - волци! Homo homini lupus.
На тој начин брзо и преуспешно го стигнавме и престигнавме капитализмот. Изедени од корупција, ги раскрчмивме најдрагоцените ресурси на странски инвеститори и концесионери, а од остатокот за нас, извишивме пирамида на социјални разлики достојна на столетен капитализам. Тој обрт го направивме како процес на демократизација, но во тој поглед драстично потфрливме - демократијата нѝ бега божем е фатаморгана.
Бегство од проблемот
На нашиот пример, во мало, се покажува дека капитализмот и демократијата не само што не се синоними, туку не се ни во непосредна и безусловна корелација. Капиталот и демосот, воопшто, имотот и човекот, се толку различни исходи, што човештвото до сега не успеало да ги усогласи, па му останува, за да опстане, вечно да работи на тоа во идеална перспектива, или, ако потклекне пред логиката на имотот, сѐ да расипе. Религиозното решение, со лажниот свет на земјата и рајот на небото, објективно е бегство од проблемот. Философската дилема „да се биде, или да се има”, е наивен морализам, што го релативизира имањето, но го мистифицира бидувањето/човекувањето без имот воопшто.
Поконкретна и конструктивна е секако политиката на социјална држава и на човекови права. Но, при состојба на доминантна варијабла на капиталот, безимотниот дел од општеството/човештвото останува или понижена маса, или достига до нерамноправно граѓанство - кое или гласа за власта на богатите, или се повлекува во „внатрешна емиграција”. На тој план хуманитарни организации и Светската банка, констатираат засилен раст на социјалните разлики, со енормно богатење на најбогатите, на национално, континентално и планетарно ниво.
Инерцијата на националните егоизми
Се соочуваме/учествуваме во најголем можен парадокс: човекот, кој на природната еволуција ѝ даде карактер на хоминизам (заслуга што религијата му ја припишува на Бога!) обликувајќи ја во човечки свет, во дом за човекување, паѓа пред еден елементарен услов за животот каков што е имотот. По таа основа, од меѓуплеменските војни за територија, човештвото не успева да се еманципира од законот на џунглата. Тој услов победи, неговата победа е крунисана со името на системот; капитализам. Не хоминизам. Тој ја победи и алтернативата со комунизмот.
Прочуената изрека homo homini lupus, точно ја отсликува страната на човекот како објект. Но ја остава скриена страната на човекот како субјект. Во суштина, ставајќи се во функција на имотот, човекот и како непосредно јаство станува lupus, не само како другост. И тоа е најполната содржина на поимот корупција. Затоа е во право Доналд Трамп кога власта на демократите ја квалификува како „корумпиран естаблишмент”, но и Џо Бајден кога предупредува за „олигархиска опасност” со доаѓање на власт на републиканците; во право се македонските партии кога неуморно си префрлаат меѓусебно комплименти како /корумпирани власти.
Трагикомедијата поминува во трагедија кога волчата логика се префрла на глобален план. Во фонот на вековен антагонизам меѓу нерускиот дел на Европа и Русија; во уплав од НАТО опсада, Путин се предава на атавистички порив па, како предатор од џунглата се нафрла врз недолжната Украина. Наеднаш, при прекрасната девиза на УНЕСКО за демилитаризација на историјата, светот се свртува кон милитаризација на иднината. Економијата посветена на живот во мир, се преориентира во економија за живот во војна - во натпревар на вооружување и на воена техника. За да бидеме посилни па поефикасно да се истребиме, во една bellum omnium contra omnes!
И по многу востанија, и по двете балкански и двете светски војни, провоцирани од Реалполитик(ата) на Бизмарк и Дизраели, Европа не може да се оттргне од инерцијата на националните егоизми. Британија изврши Брегзит, Европската Унија измисли „Западен Балкан”, ампутирајќи дел од себе; во истиот дух Франција заговара ЕУ со концентрични кругови, плус Европска политичка заедница што не е ЕУ; Полска повикува на позиционирање против Русија како кон вечен непријател. Самопоништена така како единствен субјект, Европа станува играчка на „Америка пред се”, која несоодветно на моментот и невкусно го истакнува својот национален егоизам.
Напротив, соодветно на моментот и воопшто ќе постапиме сите, ако изреката цитирана понапред ја замениме со изрека homo homini homo. И исходуваме од неа - и сега во однос на војната на Путин, и во принцип кон капиталот, кон секој одделен човек, држава или народ. И кон природата. Така ќе свртиме страница на историјата.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.