Унгарскиот кредит ќе се отплаќа 15 години со камата од 1,95%
28 јануари 2025Распределбата на парите од унгарскиот кредит може да почне. По неколку месеци подготвување на теренот, Владата ги одобри договорите за користење на средствата од унгарската кредитна линија наменети за компаниите. Во наредниот период Развојната банка може да ги потпише договорите со банките, коишто ќе им одобрат средства на заинтересираните од бизнис секторот.
Парите ќе се земаат од комерцијалните банки со рок на отплата до 15 години од потпишувањето на договорот и грејс период од три години. Каматната стапка е 1,95 проценти, без дополнителни надоместоци. Максималниот износ за кој може да се аплицира е до 10 милиони евра, а во целиот проект вклучени се сите 13 банки.
Трошоци за одобрување - нула денари
Според Владата, ова е најголема сума што му е дадена на располагање на бизнис секторот под супер поволни услови, а крајниот бенефит ќе го имаат компаниите и граѓаните со зголемување на конкурентноста на компаните и отворање на нови работни места. „Трошоците за одобрување се нула денари. Постапката ќе биде максимално транспаретна и условите ќе бидат еднакви за сите компании“, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Кој може да добие кредит?
Банките ќе одлучуваат какви проекти ќе кредитираат. Приоритет ќе имаат производните компании, но можност да аплицираат ќе имаат сите компании.
„Акцент имаат производните компании, но ако ги погледнете анализите на Народната банка, ќе видите дека генерално пласманите што ги прават банките годишно не се нешто многу поголеми од овој износ. Затоа се одлучивме да се отвориме кон сите компании во насока на тоа секој да има пристап“, вели министерката.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека нема да има тргување на влијание, што се отвори како сомнеж откако се прошири опфатот на компании кои може да аплциираат за добивање на средствата. Интенцијата за проширување на опфатот, според него, била да се искористат средствата, а одлуката е донесена врз основа на анализите и бројките кои покажуваат дека стопанството годишно може да повлече 250 милиони евра.
Средствата од унгарската кредитна линија се дел од заемот што Владата на Северна Македонија го зема од Унгарија. Договорот беше потпишан на 8 октомври во Будимпешта.