Високи температури - голем ризик за труење со храна
25 јуни 2025Порастот на температурите, кој деновиве според најавите на синоптичарите во одредени делови на Северна Македонија ќе надмине 40 степени, ги зголемува и потенцијалните ризици од појава на труење со храна. Од Агенцијата за храна и ветеринарство порачуваат дека е неопходно да се направи правилен избор при нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување.
Храната соодветно да се чува
За да се спречи евентуална појава на труење со храна кај граѓаните, неопходно е да се направи правилен избор и нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт иуслови за чување. Треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната, да се купува храна од проверени места каде има соодветни услови за чување и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.
Во услови на високи температури, потребно е да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна да не се чува долго време во автомобилите и во други транспортни средства на несоодветна температура.
„Да се одбегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач“, советуваат од Агенцијата за храна.
Термичка обработка на високи температури
Разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред консумација темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Домашните миленичиња и другите животни да се внимава да не дојдат во контакт со храната што се подготвува.
„Кога станува збор за консумирање на храна во угостителските објекти треба да се води сметка тоа да бидат објекти каде се води грижа за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично“, порачуваат надлежните.
И за животните, порастот на температурите претставува голем стрес кој може да се манифестира со намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Во двата случаи исходот може да биде фатален доколку не се делува на време.
Повеќе од 600 милиони луѓе во светот се разболуваат од небезбедна храна, а за нивно лекување се трошат околу 15 милијарди долари. Еден од десет луѓе се разболуваат од контаминирана храна секоја година, а повеќе од 200 болести се предизвикани од консумирање небезбедна храна со бактерии, вируси, паразити или хемиски супстанции како што се тешките метали.