Германија: Поради жештината, цути пазарот за клима уреди
12 август 2025Со оглед на жешките лета предизвикани од климатските промени, во Германија се произведуваат и увезуваат многу повеќе клима уреди. Минатата година, производството скокна за речиси 92 проценти, на речиси 317.000 апарати, според Сојузниот завод за статистика. Во 2023 година, оваа бројка изнесуваше само 164.700 единици. Во рок од пет години, производството се зголеми за околу 75 проценти.
Во овој период беа увезени и значително повеќе клима уреди: нивната вредност се зголеми за 48,2 проценти од 2019 година, на 949 милиони евра во 2024 година. Ова за малку го промаши рекордот од претходната година од 957 милиони евра. Најважната земја добавувач беше Италија, од каде што доаѓа еден од четири увезени клима уреди. По неа следуваа Кина и Шведска. Климатизери за автомобили не се вклучени во извештајот.
Иако климатизацијата долго време се гледа со скептицизам во Германија, таа е доста вообичаена во земји како САД. И градовите со често високи температури, како што се Дубаи, Атина, Мадрид, Бангкок и Сингапур, тешко дека би го доживеале својот економски бум без климатизација.
Во Германија, многу канцеларии немаат климатизација или се лошо климатизирани, како и продавниците, хотелите и рестораните. Многу болници, исто така, немаат соодветна климатизација, што е проблематично за пациентите и персоналот. Од друга страна, овие денови во автомобилите ретко кој поминува без добра климатизација.
Дојче Бан (Германска железница) постојано се истакнува со дефекти на климатизацијата во своите брзи возови. Најголемата германска компанија за јавен превоз, Берлинер Веркерсбетрибе (БВГ), работи исклучиво со вентилација и не инсталира климатизација во своите метроа. Објаснувањето: Тие се „неекономични и штетни за животната средина“.