Вирџинија Џофре: Самоубиство на жртвата на Џефри Епстин
26 април 2025Вирџинија Џофре беше една од најпознатите жртви во скандалот со сексуална злоупотреба на американскиот мултимилионер Џефри Епстин. Сега 41-годишната жена, според изјавата на нејзиното семејство, извршила самоубиство. „Со скршено срце ја споделуваме веста дека Вирџинија почина синоќа на нејзината фарма во Западна Австралија“, се вели во соопштението на семејството на Џофре, кое го цитираа бројни медиуми. „Таа си го одзеде животот со самоубиство, откако целиот свој живот беше жртва на сексуална злоупотреба и трговија со луѓе“, се додава во соопштението. „На крајот, данокот од злоупотребата стана толку висок што на Вирџинија и стана неподносливо да го носи товарот.“ Според соопштението, американско-австралиската државјанка зад себе остави три деца.
Спогодба со принцот Ендру
Џофре го обвини британскиот принц Ендру дека сексуално ја злоставувал кога имала 17 години. Според неа, го запознала преку Епстин, кој имал врски со бројни важни личности од политиката и општеството, како што се американските претседатели Бил Клинтон и Доналд Трамп, или основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс. Принцот Ендру отсекогаш ги негирал обвинувањата за злоупотреба. Тој тврдеше дека никогаш не ја сретнал својата наводна жртва и дека фотографијата на која се прикажани заедно пред околу 20 години е лажна. Пред судењето, Џофре и Ендру се спогодија надвор од судот. За возврат, принцот наводно платил неколку милиони фунти. Откако обвинувањата беа објавени, Ендру мораше да се откаже од своите воени почести и оттогаш ретко се појавуваше во јавноста.
Епстин изврши самоубиство во затвор
На озлогласената фотографија, во позадина може да се види и Гилен Максвел, блиска соработничка на Епстин во тоа време, која во меѓувреме е осудена како сексуален престапник. Според обвинението, Британката со години систематски регрутирала малолетни девојчиња за Епстин кои потоа тој ги злоупотребувал сексуално и ги претставувал на други мажи. Таа беше осудена на 20 години затвор. Самиот Епстин беше уапсен во јули 2019 година. Околу еден месец по неговото апсење, веќе осудениот и повторно обвинет Епстин изврши самоубиство во затвор во Њујорк.