„Овој извештај е извештај за европскиот пат на една земја-кандидатка, премногу трновит пат на еден народ кој безброј пати бил понижен и измамен, а сепак сè уште е подобар од некои во рамките на Унијата, со чест на исклучоците“, порача европратеничката од Словенија со македонско потекло, Ирена Јовева за време на расправата за извештајот за Македонија во Европскиот парламент.
„Овој извештај не се однесува на правото на постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик или македонскиот идентитет. Иако самиот факт дека таков дел постои во текстот на извештајот мене лично не ми пречи, го поддржувам и нема да гласам за негово бришење, морам сепак да бидам фер и да му порачам на македонскиот народ:
Знам дека боли – и мене лично ме боли – но не прифаќајте наративи од политичари кои ќе тврдат дека Европскиот парламент ви ја одзел идентиетата или јазикот. Тоа не е вистина.
На оние кои го тврдат токму тоа, затоа што сакаат сè, освен правичност, им порачувам: македонскиот јазик е автентичен, а вашите обиди се современа фикција.
Идентитет кој опстанал со векови нема да исчезне поради едно гласање или поради вашето лобирање.
За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, а за да го признаете тоа, вам ви треба чесност, интегритет и храброст“, порача Јовева.