Ветерен парк: ветувања за чиста енергија и поевтина струја
16 јули 2025Една година по најавата за инвестиција, започнува изградбата на ветерниот парк во близина на Штип, каде „Алказар енерџи партнерс“ треба да инвестира 500 милиони долари за изградба на 55 ветерници. Ветерниот парк ќе се протега на површина од 326 хектари и се очекува да произведе струја за 100 илјади домаќинства.
Новиот ветерен парк, кој се најавува како најголем во Западен Балкан, се очекува да биде значаен чекор кон зајакнување на енергетската безбедност и целите за обновлива енергија на земјата.
Енергетска безбедност и поевтина струја
Коосновачот и управувачки партнер на „Алказар енерџи“ Даниел Калдерон вели дека овој проект ќе создаде чиста енергија, ќе ги намали емисиите на јаглероден диоксид, ќе доведе до намалување цената на струјата и ќе создаде 600 нови работни места во Македонија.
Повикувајќи се на анализата на Блумберг во Западен Балкан, Калдерон вели дека ќе има нови инвестиции во обновливи извори на енергија во износ од 11 милијарди долари, во кои државата би имала удел од 30 до 40 проценти поради позицијата, човечкиот капитал и дисциплината.
Премиерот Христијан Мицкоски потенцираше дека не може да има силна економија без да се врати довербата кај инвеститорите, а таа се враќа на два начина - со дисциплина во работењето и чесност, но и со битка со криминалот и корупцијата и владеење на правото.
Според вицепремиерот и министерот за транспорт и врски Александар Николовски, со реализацијата на оваа најголема инвестиција во обновливи извори на енергија, покажуваме дека можеме да водиме големи проекти.
„Во однос на економијата имаме директен и индиректен импак. Директниот е она што ќе се произведе и продаде и влегува во БДП, но индиректниот е многу поголем, пред се, за стопанството и индустријата. Правилата на ЕУ во однос на зелената транзиција се дека во металната, челичната индустрија, кои придонесуваат најмногу за нашиот БДП дека веќе од 2026 година мора да се користи зелена енергија - во спротивно ќе се плаќа казна. За да го спречиме тоа, за да дадеме шанса на нашата економија да е конкурентна надвор, вакви проекти ќе придонесат за да бидеме лидери и во индустриското производство“, рече Николоски.
Станува збор за прва инвестиција којашто ја најави новата Влада минатата година. Зад инвестицијата стои приватната енергетска компанија „Алказар енерџи“ со седиште во Луксембург.