Важен самит на ЕУ: Дали зборовите ќе се преточат во дела?
6 март 2025Европскиот совет денеска на вонреден состанок во Брисел ќе расправа за промените во меѓународната заедница поврзани со безбедноста, одбраната и Украина. Фактот што тој следи само неколку дена по состаноци во Париз и Лондон, е знак за сериозна намера да се постигне решение, но и единство. Во разговорите се очекува да учествува и украинскиот претседател Володимир Зеленски. На денешната средбата не се очекува да се разговара за предлогот за испраќање европски мировници во Украина.
Исходот од средбата на 27-те лидери со интерес се очекува и во земјите од Западен Балкан, со оглед дека потенцијалните идни приоритети на ЕУ, може да се одразат на брзинатата на нивното пристапување во Унијата.
„Заедно да поттикнеме и поддржиме Европа да заземе поинтензивна улога во процес на постигнување на траен и одржлив мир во Украина, преку партнерство и сојузништво со САД, нешто што е во полза и на украинските пријатели, но и во полза на самата Европа“, порача македонскиот премиер Христијан Мицкоски по завчерашната средба во Будимпешта со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
На денешниот самит во Брисел ќе бидат разменети мислења токму и за различните позициите на ЕУ и САД околу патот за постигнување мир во Украина.
„Клучното прашање е дали лидерите во ЕУ денеска ќе демонстрираат единство по прашањата што ќе бидат дискутирани“, вели за ДВ македонски дипломат.
Ќе има ли солирање?
Забелешката не е случајна, со оглед на проценки во Унијата, дека Унгарија (и не само таа) би можела да го попречи тој процес, поради несогласување со ставовите на ЕУ околу дискутираните модалитети за постигнување мир во Украина. Орбан пред неколку дена со писмо се обратил до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во кое било посочено дека внатре во ЕУ остануваат „стратешките разлики во пристапот кон Украина“ и дека поради тоа нема да биде можно да се постигне консензус на вонредниот самитот на 6 -ти март.
Наводно, документот содржел предлог ЕУ да ја поддржи резолуцијата за Украина усвоена од Советот за безбедност на ОН на 24 -ти февруари. По самитот во Лондон, на кој учествуваа лидери на 19 земји, Орбан на Фејсбук се огласи со оценка дека „во Лондон, европските лидери одлучија дека е потребна војна, а не мир".
„Ова е лошо, погрешно и опасно. Унгарија останува на страната на мирот!“, порача унгарскиот премиер.
„Дојде моментот“
„Нема да биде лесно. Европската унија е навикната на кризи, но оваа би можела да биде онаа која ги надминува сите", пишува порталот „Политико“.
Официјални лица од европски влади изјавиле за „Политико"дека признаваат оти е дојден моментот зборовите да се претворат во дела, но некои веќе стравувале дека тоа може да тргне наопаку.
„Кошмарното сценарио е дека САД наскоро ќе објават договор со кој се прифаќаат повеќето барања на Русија, а потоа ќе им кажат на Украина и на Европа да го прифатат или отфрлат“, оценил Малколм Чалмерс, заменик генерален директор на Кралскиот институт на обединетите служби во Лондон.
„ЕУ инсистира на постигнување праведен и траен мир", се наведува во документите на средбата, на која ќе бидат разгледани опциите за дополнителна поддршка за Киев и безбедносни гаранции, вклучително и во однос на европскиот придонес.
ЕУ досега и обезбедила на Украина речиси 135 милијарди евра, од кои 50 милијарди евра за украинските вооружени сили. Оваа година се предвидува европската поддршка да достигне уште 30 милијарди евра. Помеѓу 2021 и 2024 година, трошоците за одбрана на земјите од ЕУ се зголемиле за 30 отсто, што изнесува 326 милијарди евра и сочинуваат околу 1,9 отсто од БДП.
Планот на Урсула фон дер Лајен
Учесниците на состанокот ќе разговараат за конкретни можности за финансиска поддршка на европската одбрана, а ЕУ веќе се навикнува дека трошоците за одбрана ќе станат фиксен расход. Едно од првите прашања што лидерите ќе го разгледаат денеска е планот објавен од Урсула фон дер Лајен за „отклучување" до 800 милијарди евра дополнителни трошоци за одбрана во наредните години.
„Европа се соочува со јасна и присутна опасност од размери што никој од нас не видел во нашите возрасни животи“, напиша завчера до лидерите на ЕУ претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Планот на претседателката на ЕК ја вклучува идејата ЕУ да позајми 150 милијарди евра што би биле доделени на владите на ЕУ за финансирање на паневропска опрема во областите како што се одбрана од воздушни напади и ракетни системи, артилерија, ракети, муниција, дронови и други потреби. Комисијата предлага и ублажување на правилата на ЕУ за трошење, за да им се овозможи на владите да ги зголемат своите воени капацитети.
Според фон дер Лајен, дозволувањето на земјите да ги зголемат трошоците за одбрана за 1,5 отсто од БДП во текот на четири години, би значело околу 650 милијарди евра низ целиот блок.
Иако ова било планирано подолго време, нејзиниот јавен настап во вторникот бил одговор на одлуката на САД да ја прекине помошта за Украина - изјавиле двајца претставници на ЕУ за „Политико“.
Европската инвестициска банка исто така најавила дека планира да ги промени своите правила за да го олесни финансирањето на одбранбените проекти. Дипломати и претставницитна ЕУ сè уште ги проучуваат деталите за предлогот, но генерално тој бол оценет како прв чекор во вистинска насока.
„Фон дер Лајен се обидува да го фати бикот за рогови“, изјавил за „Политико“ француски министер кој барал анонимност.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта утре ќе ги презентира резултатите од денешниот состанок и пред претставниците на Обединетото Кралство, Норвешка, Исланд и Турција.