Употреба на факли ги „запали“ меѓупартиските препирки
9 јуни 2025Употребата на факли на прославата на подмладокот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ наиде на остри критики кај опозицијата. СДСМ оцени дека е „срамна и скандалозна прославата на УМС на ВМРО-ДПМНЕ“, која се одржа додека Македонија сè уште е во црно, додека 62 семејства жалат за загубените деца, а над 200 млади се борат со последиците од трагедијата во Кочани. Дополнителен проблем, според нив, е тоа што биле употребени пиротехнички средства, кои не само што се законски забранети и опасни, туку се и причина за пожарот и големата трагедијата во Кочани што ја зави државата во црно.
„Кој наредил и кој одобрил употребата на пиротехника на прославата на УМС? Кој ја набавил и ја дистриубуирал? Зошто МВР молчи?“, прашуваат од опозициската партија, наведувајќи дека согласно новиот закон, членот 31 предвидува казни и одговорност за употреба на пиротехнички средства на овој начин.
Реагираа и од подмладокот на партијата. Според Марта Крстеска од Социјалдемократска младина на Македонија, бидејќи употребата на пиротехника е законски забранета и казнива, потребно е МВР да постапи без одложување е да даде одговор кој одобрил, набавил и наредил употреба на пиротехнички средства.
„Собирот беше на отворено“
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека согласно членот 31, забраната за употреба се однесува за во затворени простории, додека собирот се одржал на отворено. „СДС во шпекулациите се обидува да сокрие и дека факлите спаѓаат во групата на пиротехнички средства од трета категорија коишто се во слободна продажба и без обврска на продавачот да го извести надлежниот орган, односно Отсекот за оружје“, наведуваат од партијата.
Според нив, оваа пиротехника се продава на физички лица, коишто не треба да имаат посебен документ за ракување, а се продава со упатство за употреба, односно напомена дека не смее да се користи во затворени простории.
Тие се децидни дека биле испочитувани сите законски норми за одржување на собири.
„Пред одржувањето на настанот, беа известени МВР, противпожарната бригада и Итната медицинска помош, коишто беа присутни за време на одржувањето на настанот“, велат од владејачката партија.
Препирките меѓу партиите следат по трагедијата во Кочани, каде употреба на пиротехнички средства на концерт на групата ДНК, предизвика пожар во која загинаа 62 лица, а 200 беа повредени.