Универзитетот на распаќе - итни реформи или тапкање во место
4 јуни 2025Најстариот и најголемиот универзитет на македонски јазик во Северна Македонија - Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје го нема повеќе на листата на 2.000 најдобри образовни институции во светот. Падот на УКИМ не е изненадување за универзитетските професори со коишто контактираше Дојче веле. Според нив, без сериозни реформи, искоренување на корупцијата, без наставен кадар којшто ќе се едуцира и ангажира околу соодветна едукација на студентите, без научни трудови и вмрежување со странски експерти, како и соодветна кадровска и наставна политика - високото образование во земјата ќе тапка во место, а студентските столчиња се повеќе ќе се празнат поради одливот на младите во потрага по подобро образование и иднина во странство.
„Универзитет на распаќе“
„Дното е веќе допрено, УКИМ повеќе нема каде да оди“, вели за ДВ професорот Илија Ацески, кој со години наназад укажува на потребата од итни реформи во универзитетот. Според него, „УКИМ е надвор од модерните текови. Нема да верувате, но има програми кои се одамна застарени, како референца им се посочуваат книги на студентите коишто воопшто и во библиотека не можат да се најдат повеќе“, вели Ацески. Од друга страна, пак, тој посочува дека на универзитетите има професорски кадар повеќе отколку што има во Германија, а ретко кој објавува трудови или истражувања.
Ацески, кој во 2019 година објавуваше „бомби“ на Фејсбук за корупцијата на УКИМ, во меѓувреме напиша и две книги за распадот на најдобриот универзитет во земјата. Во повеќе наврати посочува дека тоа го прави со една цел - притисок до одговорните да започнат реформи на УКИМ. Но, УКИМ и понатаму продолжува надолно да се движи, а Ацески ја најавува и третата книга за распаќето на коешто се наоѓа универзитетот.
За него е сериозен проблем тоа што со години наназад се продуцираат недоучени кадри - а на децата залудно им се трошат пет години години од живот, без да добијат соодветно образование коешто ќе им го отвори многу врати.
„Без квалитетни образование во прашање се доведува иднината на една земја и една држава. Падот на квалитетот на студиите на УКИМ е видлив во квалитетот на учењето, во отсуство на истражувања, квалитетот на наставниот кадар“, дециден е професорот.
Според него, државата не треба да се меша во независноста на универзитетите, но не треба ниту да го финансира работењето на оние образовни институции за коишто ќе се утврди дека произведуваат нестручен кадар.
Ацески и во минатото укажуваше дека во прашање е доведено нормалното функционирање на државата, што е резултат и од лошо едуцираните правници, економисти, учители, лекари и службеници. „Потребно е да започне бескомпромисна борба против коруптивниот систем, кој се претвори во култура на однесување и погубно се одразува во сите сфери на функционирањето на УКИМ. Тоа особено е видливо во сферата на учењето, испитите, истражувањата, кои скоро се замрени и во падот на квалитетот на наставниот кадар. Системот на раководење на УКИМ не е во духот на модерното време и потребна е темелна промена“, вели професорот, кој десетина години наназад посочува на истите проблеми коишто го „задушуваат“ високото образование.
„Тешко ќе одиме напред“
Професорот на Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет, Ивица Милевски за ДВ вели дека без воведување на сериозни критериуми за напредување, мотивација на квалитетниот наставен кадар на универзитетите, тешко ќе одиме напред - може само да тонеме на листите.
„На универзитет, каде дел од кадарот не знае или не е заинтересиран активно да користи барем еден странски јазик, не сака да користи современи технологии и понови пристапи во својата област, нема желба за комуникација и вмрежување со странски експерти и реномирани имиња, ништо чудно да тапкаме во место или одиме надолу. Всушност, уште се реткост наставници кои публикуваат трудови и монографии во јаки светски списанија, или учествуваат во меѓународни и клучни национални проекти и програми (а треба да бидат водечки пример и „магнет“ за младите студенти и постдипломци)“, вели Милевски.
Тој посочува дека УКИМ и неговото раководство, мора да најдат сила, да преземат поенергични и похрабри мерки за подигање на квалитетот на наставниот кадар и на програмите на Универзитетот. „Воедно, мора да се направи максимален напор за прием на млади кадри, според покажаните резултати, интерес и посветеност, на основните, но и на постдипломските студии, со посебен осврт на истражувањата, публикацијата на оригинални резултати, не само на добиените оценки, кои понекогаш не се баш најреални“, вели професорот.
Критериуми и мотивација
Колку и да е тешко и непопуларно, тој додава дека УКИМ мора да ги подигне драстично критериумите за избори и напредувања, за реална оценка на квалитетот на работата во текот на годината, да инсистира на перманентна надградба на наставниот кадар и сл.
„Не треба да чекаме закони, МОН или некој друг да не ’турка’ напред, туку самите да инсистираме на високи постигнувања и видливи резултати, најсовремени програми, меѓународни поврзувања и секако да расчистиме со оние ’социјалистички’ остатоци, од разни комисии и гласања базирани на субјективни проценки, наместо на реални постигнувања. На крај, мора да се отвори широк простор и можности, барем за оние што сакаат да работат и да постигнат нешто повеќе, наместо да бидат предвреме гушени идеите, креативноста и ентузијазмот на поединците, било да се наставници-истражувачи, или студенти, дециден е нашиот соговорник.
Артан Лимани, истражувач на високото образование во Македонија, одблиску го следи процесот на стагнација на процесот на стагнација на македонските јавни универзитети во постјугословенскиот период. Според него, стагнацијата не е само резултат на институционални слабости - таа е и последица на поширока општествена негрижа, политизација и хронично неинвестирање.
„Прашањето не е само дали универзитетите го изневерија општеството, туку и дали самото општество некогаш навистина инсистирало на нивен успех. Неколку од нашите универзитети, формирани во времето на Југославија, и понатаму функционираат во застарени рамки. Без дигитализација на административните процеси, предавањето, и учењето, истите наликуваат на канцеларии од социјалистичката ера. Во меѓувреме, универзитетите во Европа се трансформираа - ориентирајќи се кон потребите на студентите, зајакнувајќи ја демократијата и придонесувајќи кон одржливи економии“, посочи неодамна Лимани во колумна за Дојче веле.
Според него, реформите повеќе не се опција. Во систем кој доцни со децении, потребна е длабока трансформација што ќе ги адресира суштинските предизвици. По 35 години независност, време е да се запрашаме што тргна наопаку - и што сè уште нè спречува да се движиме напред?, вели Лимани.