Украински литиум - помеѓу надежта и стравот
2 мај 2025Се чини дека времето застанало во Полохивка. Таму живеат само неколку луѓе, куќите се празни и трошни. Необработени ниви се протегаат во недоглед. И соседното село Копанки изгледа исто. Речиси сите куќи во него се напуштени. Мештаните велат дека во текот на минатата година овде се родило само едно дете.
Пензионерот Володимир од селото Копанки вели: „Почнав да работам во 1976 година. Без работник број 400 во колективната фарма, а сега веројатно нема ниту 100 жители. Има само погреби и ниту една свадба. Ништо не е како порано“.
Луѓето го напуштаат Копанки оти нема работа. Автобусот доаѓа само двапати неделно. Доналд Трамп веројатно не слушнал за овие села. Но, овој регион во централна Украина му е важен, или попрецизно кажано - она што лежи под земја - најголемите резерви на литиум во земјата.
Се чека договор
Тие наоѓалишта би можеле да бидат предмет на договорот за суровини меѓу Вашингтон и Киев. Американскиот министер за финансии Скот Бесент и украинската вицепремиерка Јулија Свириденко го потпишаа договорот во главниот град на САД, Вашингтон. Текстот на договорот сѐ уште не е објавен, но со него е предвиден инвестициски фонд за заедничка експлоатација на украинските природни ресурси, кој би требало да генерира средства за обнова на земјата разурната од војна.
Од 1970-тите е познато дека Украина има наоѓалишта на литиум. Сепак, просторот околу овие две села е единствениот што е веќе истражен по денешни критериуми. Сите други локации биле истражувани во советската ера. Во Украина досега не е ископуван литиум.
Нема ископување на повидок
Во 2017 година, украинската компанија UkrLithiumMining доби дозвола да го истражи наоѓалиштето во Полохивка. Ова беше направено помеѓу 2018 и 2020 година. Се проценуваше дека изнесува 40 милиони тони литиум, што би било најголемото наоѓалиште во Европа.
Директорот на компанијата, Михаило Хејченко, за украинската телевизија изјави дека пробните бунари, длабоки до 600 метри, ветуваат околу еден и пол милион тони руда годишно за дваесет години. Но, компанијата не напредуваше далеку, бидејќи според податоците од општината Смолин, на чија територија се наоѓаат споменатите села, таму во моментов не се работи.
Ова ја загрижува локалната власт. Локалните пратеници уште во 2023 година ги означија активностите на компанијата како незадоволителни: „Општинскиот совет на Смолин сака компанијата да ја интензивира работата овде. Побаравме од компанијата да разговараме за општествените прашања кои се важни за општината. Но, до денес ништо не е направено“, вели првиот човек на општината, Микола Масура.
Компанијата во март на својата веб-страница објави дека наоѓалиштето „Пухивка“ е на украинскиот народ, но дека компанијата добила дозвола за истражување и експлоатација и за тоа платила 2,6 милиони евра.
Страв од загадување
Луѓето кои живеат таму се надеваат на нови работни места, но во исто време некои стравуваат дека животната средина ќе биде загадена. Татјана од селото Копанки вели: „Ние не сме против тоа. Но, мора да се обезбеди да не останеме без вода и патишта, да ни се санира инфраструктурата. Секако дека сакаме тоа да се случи и општинскиот буџет да се наполни со пари“.
Микола Масура од Смолин, исто така, стравува дека може да има проблем со водата: „Неодамна дознавме дека UkrLithiumMining копа бунари со различни длабочини и дека тие ќе ја користат водата за себе. Тоа би било катастрофа, бидејќи бунарите во радиус од неколку километри би можеле да пресушат, а во нив веќе има помалку вода поради климатските промени и други фактори. И езерцата пресушуваат“.
UkrLithiumMining минатата година на својата веб-страница објави дека компанијата ги испитала можните последици од експлоатацијата. И сега компанијата додаде експлицитен став дека во случај на експлоатација „нема да има никакви последици за изворите што ги користи општината“. А, како одговор на коментарите дека работите доцнат, компанијата изјави: „Во април 2024 година, компанијата изработи привремена физибилити студија, што е важна фаза на патот до почетокот на работите. Во моментов се подготвува следната важна фаза - финалната физибилити студија“.
Првите проекти според договорот?
Во Украина моментално се истражуваат четири наоѓалишта на литиум. Две се лоцирани во области окупирани од Русија. Наоѓалиштето Крута-Балка се наоѓа во регионот Запорожје, а наоѓалиштето Шевченко е во регионот Доњецк. Останатите две наоѓалишта се во централна Украина, едното кај Полохивка, а другото во близина на Добра, кое е најперспективно.
Украинскиот геолог Бохдан Слободијан вели дека бил испитуван уште во советската ера. Според тогашните проценки, тој би можел да биде двојно поголем од локацијата во Полохивка. Но, во моментов нема тековно истражување.
„Фајненшл тајмс“ на почетокот на март објави дека ирската компанија „ТекМет“ е заинтересирана за наоѓалиштето „Добра“ и дека ќе учествува на тендерот. Партнер на оваа ирска компанија е милијардерот Роналд Лаудер, инаку пријател на американскиот претседател Доналд Трамп. Според овој весник, Добра би можела да биде еден од првите проекти по склучувањето на договорот меѓу САД и Украина за ретки метали.