Украина реагира на понудата за суровини на Путин до Трамп
28 февруари 2025Рускиот претседател Владимир Путин му предложи на американскиот претседател Доналд Трамп заеднички да експлоатираат наоѓалишта на минерали и ретки метали, како во Русија, така и во областите во Украина, окупирани од страна на Русија.
„Подготвени сме да соработуваме со нашите тамошни партнери, вклучувајќи ги и американските партнери“, рече Путин во интервју за руската државна телевизија на 24 февруари. Тој додаде дека Русија има „некои од најголемите наоѓалишта во светот“ на северот на земјата, како и на Кавказ, Сибир, Далечниот Исток и во „новите области“, како што ја нарекува окупираната територија на Украина.
Ваквите изјави од Москва предизвикуваат загриженост во Украина. „Окупираните територии содржат важни ресурси во вредност од околу 350 милијарди долари. Јасно ни е дека Русија би можела да ги искористи во воздухопловната, одбранбената и медицинската индустрија и конечно за војната против нас“, изјави неодамна украинската министерка за економија Јулија Свириденко на прес-конференција во Киев. Според неа, Украина има резерви на титаниум, литиум, ураниум и ретки метали.
„Путин му поставува замки на Трамп“
Дмитро Левуш, директор на украинскиот центар за социјални истражувања „Украински меридијан“, е убеден дека предлогот на Путин покажува дека меѓународните санкции против Русија функционираат, дури и ако Кремљ тоа директно не го признава. „Русија сега бара економска поддршка, економски контакти и соработка со САД. Ретките метали, како и експлоатацијата на други суровини и производството на продукти како што е алуминиумот, се речиси единствените области во кои Русија навистина може да соработува на кој било начин“, објаснува Левуш за ДВ.
Меѓутоа, во исто време, експертот предупредува дека Путин поставува замки во кои треба да падне американскиот претседател Доналд Трамп. Од овој агол треба да се гледа на предлогот на Путин за руско-американска соработка во експлоатација на суровини во окупираните области на Украина. „Според планот на Путин, ова само треба да промовира легализација и признавање на руската окупација“, нагласува тој. Доколку американските компании навистина дојдат во окупираните области, вели Левуш, тогаш не само што ќе сакаат да го одбранат овој незаконски чекор, туку и своите руски партнери кои ќе ги поддржат во тоа.
Олександр Мерешко, пратеник на владејачката пратеничка група „Слуги на народот“ во украинскиот парламент, се надева дека САД никогаш нема да се согласат да купуваат суровини од украинските области окупирани од Русија. „Ова би било флагрантно кршење на меѓународното право“, вели политичарот, кој не гледа опасност за Украина. „САД јасно го признаваат територијалниот интегритет на Украина. Доколку купуваат украдени суровини од окупираните територии, тоа би било кршење на суверенитетот на Украина, како и на принципите на меѓународното право. САД тоа нема да го направат во никој случај“, нагласува Мерешко за ДВ.
Меѓутоа, неодамнешните изјави од Белата куќа, според кои Украина најверојатно ќе мора да отстапи територии по мировните преговори, укажуваат на тоа дека САД под Трамп веќе безрезервно не го признаваат територијалниот интегритет на Украина.
Реакции на социјалните мрежи
Понудата на Путин до САД, која предизвикува огорченост во Украина, исто така, предизвика дебата на социјалните мрежи.
Така, Олексеј Копитко, поранешен советник на украинскиот министер за одбрана, на Фејсбук иронично напиша дека Путин конечно ги признал целите на „Специјалната воена операција“, како што се нарекува војната против Украина во Русија. Во реалноста, тој се грижи за продажба на два милиони тони алуминиум на САД. Копитко тоа го нарекува „агресивен маркетинг на Кремљ во форма на сеопфатна војна“. „Со години Москва вели дека подмолната Америка сака само да ги преземе суровините“, вели Копитко. Војната на Путин испрати во смрт стотици илјади Руси, а околу половина милион ги направи инвалиди. „Зошто? Само на крајот да им го даде на САД она што сè уште не ѝ го дал на Кина, за да може да живее среќно до крајот на животот?“, прашува експертот.
Серхи Таран, корисник на мрежата Х, пишува: „Путин е подготвен да продава метали и минерали за американски долари на САД. Кога Путин со децении ги предупредуваше земјите од глобалниот југ за американските 'империјалисти' кои сакаат само да ги купат нивните ресурси многу евтино, тој тогаш едноставно беше љубоморен на нив“.
Корисникот на Фејсбук, Андриј Плахонин, пишува дека Путин му понудил на Трамп дел од украдената стока како противуслуга, во замена за де факто признавање на анексијата на украинските територии. „Но, не со машини за перење алишта, туку со нашите суровини во окупираните области“, вели Плахонин, алудирајќи на руските војници кои масовно носеа апарати за домаќинство и други ограбени предмети од окупираните области на Украина во Русија.