Украина: Mоже ли Европа да се потпре на САД?
22 август 2025Во Европа билансот на европските шефови на држави и влади за состанокот во Вашингтон е прилично избалансиран. Од една страна на стариот континент има олеснување – Не се случи конфронтација меѓу Володимир Зеленски и Доналд Трамп, како минатиот февруари - или дури и прекин на трансатлантските релации.
Од друга страна, Доналд Трамп не ги исполни клучните барања на Европа - особено тоа да побара прекин на огнот во пресрет на мировните преговори за Украина. Европејците извадиле максимум во дадените околности, вели Никлас Еберт, задолжен за Програмата за трансатлантска безбедност во тинк-тенкот Германски Маршалов фонд. Сепак, Европа општо погледнато мора да се аранжира со фактот дека трансатлантските односи веќе не се тоа што некогаш биле. Вашингтон не е партнер на кој секогаш може да се потпрат, предупредува Еберт. И Ентони Гарднер, поранешен американски амбасадор во ЕУ за време на мандатот на Барак Обама, кој денес работи како советник, исто така не е многу оптимистичен дека преку состанокот ќе се подобрат трансатлантските односи. Трамп Европа и натаму ја третира како во голема мера ирелевантна, посочува Гарднер. На европските политичари до некаде им успеа да го променат наративот во корист на Украина, но состанокот не донесе значајни резултати. Гарднер очекува дека Европејци ќе мора да ја повторат оваа вежба, бидејќи Трамп менува мислење „на секој час“. Целта на актуелниот американски претседател е да склучи договор што за него носи предности.
Европа сака да придонесе за мирот
Сепак, декларираната подготвеност на САД сепак да учествува во т.н. безбедносни гаранции за Украина се смета како пробив од изминатите денови. Се зборува за ветувања за заштита слични на оние во Член 5 од Договорот за НАТО - должност за помош ако еден од сојузниците биде нападнат. Во Вашингтон европската делегација се потруди да нагласи дека сака да го даде својот придонес.
Францускиот претседател Емануел Макрон се обрати на американскиот претседател со зборовите дека може „да бидете сигурни дека Европа е многу свесна оти ќе има свој праведен удел во овие безбедносни гаранции за Украина - на крајот на краиштата, во прашање е јасно нејзината безбедност.“ Т.н. „коалиција на волјата“ покрај зајакнувањето на украинската армија, веројатно ќе биде централен елемент за идните безбедносни гаранции.
Што е „Коалицијата на волните“?
„Коалицијата на волните“ беше формирана пред неколку месеци од страна на Франција и Велика Британија, а сега веќе брои околу 30 членови. Покрај европски држави, според претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Коста, и Канада, Турција, Јапонија и Нов Зеланд учествувале во теле-конференција на оваа група. По крајот на воените дејствија во Украина, треба да бидат распоредени „безбедносни сили“ кои треба да помогнат во обновата на украинските копнени сили и да го обезбедуваат украинскиот поморски и воздушен простор, објави копретседателот Кир Стармер во јули. Еберт во „коалицијата на волјата“ гледа „политички сигнал до Вашингтон“ дека Европа е подготвена да преземе поголема одговорност и да се спротивстави на американскиот наратив, дека Европејците се потпираат на грбот на САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп во минатото многу јасно ставаше до знаење дека Европа мора повеќе да се ангажира за својата одбрана што значително придонесе за зголемување на целта на НАТО за трошоци за одбраната од два на 3,5 проценти или пет проценти (вклучително и инфраструктурни проекти) на последниот самит на НАТО во Хаг. Поранешниот амбасадор Ентони Гарднер констатира дека Европејците „сега зборовите ги претвораат во дела“ и дека тоа е важно, но дека им требало многу време. Однесувањето на Европа не е сосем несебично бидејќи според Еверт скриениот мотив е да ги задржи Американците во игра.
Без САД нема да функционира
Едно е јасно – без Американците безбедносните гаранции за Украина ќе бидат тешко до невозможно да се спроведат. Европа е зависна од САД во однос на воздушната и анти-ракетна одбрана, извидување и стратешки воздушен транспорт, посочува Еберт. Американците се потребни како дополнително осигурување. Европа не е во позиција да мобилизира доволно голема трупа за ефикасно да обезбедува потенцијален прекин на огнот.
Затоа мора да биде јасно дека САД ќе ускокнат, доколку нешто се случи, вели Еберт. Во моментов се работи на дефинирање на безбедносните гаранции. Според британски наводи, во следните неколку дена треба да има состанок меѓу САД и претставници на „Коалицијата на волните“ во врска со ова.
Трамп очекува европски копнени сили
Чувствително прашање се „теренските сили“, односно прашањето дали треба да има европски копнени сили во Украина. Додека британскиот премиер Кир Стармер вели дека сака да испрати војска во Украина, германската влада сè уште не зазела конечен став по ова прашање. Русија го отфрла стационирањето на трупи на НАТО во Украина.
Поранешниот американски амбасадор Гарднер критикува дека иако имало многу дебати за ова прашање, на крајот се чини како да се работи за малку. И по толку многу месеци, сè уште е нејасно што е подготвена да придонесе Европа. Со тоа што својата подготвеност да дејствуваат ја прават да зависи од постапувањето на другиот, Европејците и Американците само ја префрлаат одговорноста како пинг-понг топче.