Украина: Кремљ еднострано најавува уште едно примирје
28 април 2025Рускиот претседател Владимир Путин еднострано прогласи прекин на огнот во војната во Украина за периодот од 8 до 10 мај. „Од полноќ помеѓу 7 и 8 мај до полноќ помеѓу 10 и 11 мај, руската страна прогласува прекин на огнот“, се вели во соопштението на Кремљ во Москва. Путин нареди целосен прекин на непријателствата од хуманитарни причини по повод Денот на победата - 9 мај, се додава во соопштението. На тој ден, Русија ја слави победата над нацистичка Германија во 1945 година. Сепак, во случај на прекршување на прекинот на огнот од страна на украинската страна, руските сили ќе реагираат со соодветен и ефикасен одговор, се наведува натаму во соопштението. Досега нема реакција од украинската страна на ова соопштение.
Последното примирје за Велигден беше кревко
Досега, Путин не сакаше да се согласи на целосно и безусловно примирје. Наместо тоа, руската страна, пак, бара прекин на западните испораки на оружје во Украина и прекин на напорите за мобилизација на нападнатата земја. Путин неодамна прогласи 30-часовно „велигденско примирје“. Иако борбите ослабнаа во тој период, двете страни се обвинуваа меѓусебно за постојани прекршувања на примирјето. Објавувањето на тридневното примирје уследи откако американскиот претседател Доналд Трамп ја повика руската страна да „запре со пукањето“ и Путин да „потпише договор“ за прекин на конфликтот во Украина. САД во моментов се обидуваат да посредуваатво постигнување траен прекин на огнот меѓу Москва и Киев. Меѓутоа, Кремљ досега не беше подготвен да прави отстапки.
Трамп сака да види траен мир
Во ракцијата на најавата на Москва за еднострано примирје, портпаролката на Белата Куќа, Каролин Левит, повтори дека американскиот претседател Доналд Трамп јасно ставил до знаење дека бара траен прекин на огнот. Левит им изјави на новинарите дека Трамп е сѐ пофрустриран од рускиот претседател Владимир Путин и од украинскиот претседател Володимир Зеленски, и оти двајцата треба да седнат на преговарачка маса за да ја завршат војната.