Украина го отфрли предлогот на Путин за тампон зона
23 мај 2025Рускиот претседател Владимир Путин најави создавање на тампон зона долж границата со Украина.Тој притоа не соопшти никакви детали, но брзо следеа остри критики од Киев.
„Овие нови агресивни барања се јасно отфрлање на мировните напори и покажуваат дека Путин е и останува единствената причина за непрекинатото убивање“, одговори украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на платформата X, повторувајќи го својот повик за зголемен меѓународен притисок врз Путин за тој да стави крај на војната.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи во Киев, Хеорхиј Тичиј, додаде дека Путин може да создаде таква тампон зона само на своја територија.
Путин во четвртокот (22.05) го посети рускиот пограничен регион Курск и набргу потоа го објави својот план за тампон зона „долж границата“. Сепак, рускиот претседател остави отворено каде точно ќе биде границата на зоната и колку длабоко ќе се протега во Украина. „Нашите вооружени сили ја решаваат оваа задача, непријателските пунктови активно се потиснуваат, а работата е во тек“, рече Путин.
Во август минатата година, украинските трупи го нападнаа регионот Курск. Тоа беше прво напредување на украинската војска на руска територија. Во тоа време, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека овој потег има за цел да изврши притисок врз „агресорот“ Русија.
Во август, Зеленски како конкретна цел за напредување на неговите трупи во регионот Курск го наведе „создавањето тампон зона на територијата на агресорот“.
Путин најави обнова на пограничните региони
На крајот на април, Кремљ официјално објави дека регионот Курск е повторно заземен. Украина го негираше ова тврдење, велејќи дека украинските единици сè уште ги држат своите позиции на руска територија.
Регионот Курск и другите руски погранични области се речиси секојдневно цел на украински гранатирања или напади со беспилотни летала. За време на неговата неодамнешна посета на Курск, Путин најави програма за обнова на регионите. Покрај регионите Курск и Белгород, ова го вклучува и регионот Брјанск.