Германија: Првата жртва на НСУ пред 25 години
9 септември 2025Нирнберг, 9 септември 2000 година.
Продавачот на цвеќе Енвер Шимшек ги чека муштериите на својот мобилен штанд покрај една долга улица. Во раните попладневни часови се среќава со своите убијци, кои испукуваат осум куршуми кон него. Пет од нив го погодуваат 38-годишниот татко во главата. Два дена подоцна, тој им подлегнува на тешките повреди.
Мотив: омраза и расизам
Шимшек не можел да даде никакви дополнителни информации за злосторството и сторителите, бидејќи никогаш не се освестил. Дури единаесет години подоцна, неговата сопруга и нивните две деца дознаваат кој е одговорен за смртта на нејзиниот сопруг и нивниот татко: дотогаш непозната терористичка група – Националсоцијалистичко Подземје (НСУ). Нивниот мотив бил омраза и расизам.
На 4 ноември 2011 година, НСУ е разоткриена. Тој ден, по неуспешен грабеж на банка во Ајзенах, двајцата мажи, Уве Бенхард и Уве Мундлос, најверојатно извршиле самоубиство во камп-возило, под околности кои никогаш не беа целосно разјаснети.
Терористичкото трио го разоткрила нивната соучесничка Беате Чепе, која во 2018 година беше осудена на доживотен затвор, со дополнителна мерка, по истекот на казната да биде префрлена во затворен тип установа за да не претставува опасност за околината.
Морбидно признание
Тогаш 36-годишната Чепе испраќа повеќе копии од видео со признание до различни организации, меѓу кои и медиуми. Во таа морбидна снимка, членовите на НСУ не се фалат само со убиството на Енвер Шимшек. До 2007 година, патувајќи низ Германија, тие убиле уште осум мажи со турско и грчко потекло.
Десеттата и последна жртва била полицајката Мишел Кизеветер. Покрај тоа, на НСУ им се припишуваат и неколку бомбашки напади. Само на улицата Којпштрасе во Келн, каде што живеат многу луѓе со мигрантско потекло, 22 лица беа повредени, некои тешко, во напад со бомба со шајки. Германија беше во шок.
Како е можно една десноекстремистичка терористичка група седум години по ист шаблон да убива луѓе со мигрантско потекло, а полицијата и разузнавачките служби наводно цело тоа време да тапкаат во место? Ќерката на Енвер Шимшек, Семија, која како тинејџерка останала без татко, сè уште си го поставува тоа, но и многу други прашања.
Полицијата го сомничела семејството на жртвата
Во февруари 2012 година, три месеци по саморазоткривањето на НСУ, Семија во Берлин, на централната комеморација за жртвите, одржа трогателен говор. Младата жена зборувашe за својата тага и очај, но и за понижувањата. Бидејќи, по смртта на нејзиниот татко, истражителите почнале да ги бараат сторителите во кругот на нејзиното семејство и поширокoтo семејство.
„Единаесет години не ни беше дозволено со мирна совест да бидеме жртви“, се жали таа, осврнувајќи се на тоа време на неизвесност. Нејзиниот живот секогаш бил обременет со страв дека некој од нејзиното семејство, односно фамилија, е одговорен за смртта на нејзиниот татко. Постоеја и сомнежи дека и тој самиот бил криминалец и дилер на дрога.
Ангела Меркел: „Ве молам за прошка“
„Можете ли да замислите како се чувствувала мојата мајка кога одеднаш и самата се нашла на мета на истрагата“, вели Семија Шимшек. Тогашната канцеларка Ангела Меркел оцени дека тоа повеќегодишно сомневање било „вознемирувачко“, и им се извини на семејствата: „Затоа ве молам за прошка.“ Од тогаш поминаа 13 години.
Во меѓувреме, пред Вишиот покраински суд во Минхен, од 2013 до 2018 година се водеше процесот за НСУ. „Првиот ден сите бевме таму“, раскажува Семија во едно видео снимено во 2024 година, објавено на интернет-порталот „Места на сеќавање Нирнберг“. Таа вели дека во судницата не се чувствувала пријатно. „Имаше и многу посетители-нацисти.“
До самооткривањето на НСУ немаше државна помош
„Места на сеќавање Нирнберг“ е граѓанска иницијатива, во која учествува и Градската канцеларија за човекови права. Во видеото, Семија Шимшек се присетува на детството и убавите моменти со татко ѝ. Годините по неговата смрт, сè до разоткривањето на НСУ, ги нарекува „најлошиот и најмрачен период“. Пред разоткривањето на НСУ, никогаш не добиле државна ниту било каква друга поддршка.
„По разоткривањето на НСУ, многумина сакаа да помогнат. Но, на 25 години не ми требаше помош. Ја посакував кога имав 14“, вели Семија. Таа е родена во Германија, а денес живее во Турција. Кога конечно станало јасно кој го убил нејзиниот татко, недовербата кон нејзиното семејство се претворила во сожалување.
„Сега сте жртви“
Одеднаш слушале реченици како: „Не ви верувавме. Ве оставивме сами. Но сега сте жртви и сега можете да го покажете тоа.“ Единаесет години по смртта на татко ѝ, таквите зборови за Семија дошле предоцна. Ѝ звучеле како некаков потсмев: „Се обидував некако сама да се справам со тоа.“
Четврт век по првото убиство на НСУ, Семија Шимшек, заедно со Гамзе Кубашик, напишала книга за заедничката судбина. И нејзиниот татко Мехмет бил убиен од таа терористичка група – на 4 април 2006 година во Дортмунд. Во книгата „Нашата болка е нашата сила“ тие ги раскажуваат своите семејни приказни, зборуваат за недоволно разјаснетиот „НСУ-комплекс“ и за нивната борба за сеќавање.
„Не можеме да ставиме точка на она што се случи“
„Не можам да најдам мир“, вели Семија. Сè уште е под впечаток на бројни отворени прашања, на кои не одговорија ниту судскиот процес, ниту парламентарните истражни комисии. „Тоа е причината зошто сè уште излегувам во јавност и зборувам: Не можеме да ставиме точка на она што се случи. Сè уште ме мачат прашања: Зошто токму мојот татко? Според кои критериуми беа избрани жртвите? Зошто не се води истрага против помагачите?“ Семија Шимшек, Гамзе Кубашик и многу други членови на семејствата на жртвите сè уште се надеваат на одговори. И денес, 25 години по почетокот на серијата убиства.