Убиени се двајца вработени во израелската амбасада во САД
22 мај 2025Двајца вработени во израелската амбасада во главниот град на САД, Вашингтон, се убиени, соопшти американската министерка за внатрешна безбедност, Кристи Ноем. Двајцата биле застрелани во близина на Еврејскиот музеј во среда навечер (21.05), напиша Ноем на платформата X.
Еврејскиот музеј во Вашингтон се наоѓа на само неколку чекори од канцеларијата на ФБИ во главниот град. Двете жртви, маж и жена, си заминувале од настан во Еврејскиот музеј, кога 30-годишниот осомничен се приближил и отворил оган, изјави началничката на полицијата Памела Смит. Осомничениот напаѓач бил забележан како трча пред музејот по пукањето и се обидува да влезе во него дури и по нападот. Таму бил приведен од обезбедувањето на музејот.
Осомничениот при апсењето извикувал „Слободна Палестина“, соопшти полицијата вчеравечер.
Генералната обвинителка на САД, Пем Бонди, на X напиша дека била на местото на настанот и дека станува збор за „ужасен инцидент со огнено оружје“.
Медиуми: Израелски дипломат меѓу жртвите
Локалните медиуми претходно објавија дека меѓу жртвите наводно е и еден израелски дипломат. Израелскиот новински сајт „Ynet“ ја цитираше портпаролката на израелската амбасада во Вашингтон, која вели дека вработените во амбасадата биле „застрелани одблиску“.
Израелскиот амбасадор во ОН, Дени Данон, нападот го нарече „гнасен чин на антисемитски тероризам“. „Уверени сме дека американските власти ќе преземат строги мерки против одговорните за ова кривично дело“, напиша Данон во објава на X.
Инцидентот се случи во време на војна меѓу Израел и милитантно исламистичкиот Хамас во Појасот Газа. Израел е на мета на силни меѓународни критики поради своите воени акции и катастрофалната хуманитарна ситуација во во голема мера разорениот крајбрежен појас.