Турските туристи го освојуваат грчкиот остров Лезбос
14 август 2025Во Скала Сикаминеас на североисточниот брег на Лезбос, каде во 2015 година секојдневно пристигнуваа чамци со бегалци од Сирија, ова лето доаѓаат богати туристи од соседниот- турски брег на Егејот. Двата одлични рибни ресторани на брегот се полни, а доминантниот јазик на пладне е турски. Семејства со деца од турскиот мегалополис Измир, група од пристанишниот град Ајвалик, кои пристигнале со новата катамаранска линија, како и млад пар од Истанбул, јадат и пијат во оваа живописна глетка.
Исин и нејзиниот пријател се првпат на островот. „Пријателите ни кажаа многу убави работи за Лезбос и решивме да дојдеме за неколку дена“, вели Исин за ДВ. Парот од Истанбул пристигнал со траект од Дикили, бил воодушевен од плажите и таверните на островот и е решен следното лето повторно да дојде. Патувањето трае нешто помалку од еден час, билетот чини 35 евра, а во лето има осум пловидби дневно од Дикили до Митилена.
Угостителите на Лезбос ги ценат турските гости
Само во јули 2025 година на Лезбос пристигнале речиси 29.000 турски туристи, а за август се очекуваат уште повеќе. Локалните угостители се прилично задоволни од турските туристи. „Го ценат доброто готвење, сакаат да го пијат нашиот познат анисов ликер – узо, не се скржави, а повеќето се многу љубезни и опуштени“, вели Такис, кој има таверна во заливот Гера. „Кај нас доаѓа турската средна класа, која бара мирно место“, додава тој.
Многу грчки острови станаа недостапни за просечните приходи од двете страни на Егејот, но Лезбос не е меѓу нив. Островот сега е поевтин од турските туристички дестинации на Егејот како Бозџаада, Бодрум или Асос. Дополнително, атмосферата за Турците кои сакаат да испијат чаша алкохол или за Турчинките кои сакаат да се сончаат во бикини е порелаксирана на грчката страна на Егејот. „Многу се чувствувам удобно тука“, вели Исин, додека нејзиниот пријател сипува узо.
Може ли туризмот да ги излечи старите рани?
Од грчката револуција во 1821 година поминаа повеќе од 200 години, а од „размената на население“ меѓу Грција и Турција во 1922 повеќе од 100 години. Тогаш илјадници грчки бегалци од Мала Азија се населија на Лезбос, главно од спротивните области на Ајвалик, Мосхонисија и Пергамон. Истовремено, повеќето Турци кои живееја на островот беа принудени да заминат на другата, турска страна. Двете страни со децении можеа да ги гледаат своите родни села само од далечина.
Денес односите меѓу потомците на протераните се претежно пријателски, главно поради меѓусебниот туризам. Луѓето на Лезбос не се ниту повеќе ниту помалку националисти од остатокот на Грција, но сè почесто имаат можност да го сретнат „непријателот“ од спротивната страна во мир. Турските туристи на улиците на Митилена не се доживуваат како освојувачи, туку како добредојдени гости.
Бројни фери-врски до Лезбос
Не беше случајно што заменик-градоначалникот на Митилена задолжен за туризам, Никос Ѓанакас, со голема радост го чекаше на пристаништето градоначалникот на Баликесир во Турција. Ахмет Акин пристигна на први август со новата катамаранска линија на компанијата IDO на Лезбос, заедно со 150 туристи.
Компанијата ја отвори новата линија Митилена – Ајвалик, во чиј сопственички состав е и општината Баликесир. Новата линија е осмата што ја поврзува Митилена со Ајвалик и единаесеттата воопшто меѓу Лезбос и Турција, вклучувајќи ги рутите од и до Измир и Петра. Дури постои можност за воведување уште една катамаранска врска во август, овојпат од Акчај. За споредба: меѓу Лезбос и Пиреја има една, понекогаш две фери-врски дневно, а меѓу Лезбос и Солун само една неделно.
Според заменик-градоначалникот Ѓанакас, новата линија Митилена – Ајвалик треба дополнително да го зајакне туризмот и трговијата меѓу Лезбос и Турција, да им понуди повеќе можности на патниците и да ги зацврсти прекуграничните односи. Лани 122.638 луѓе пристигнале со брод од Турција на Лезбос, а во 2025 се надеваат на уште повеќе посетители.
Напнатостите сè уште постојат
Туризмот и добрата соработка во прашањето на бегалците и миграцијата се единствените одржливи успешни приказни во грчко-турските односи откако премиерот Киријакос Мицотакис и претседателот Реџеп Таип Ердоган во декември 2023 потпишаа договор за пријателство и соработка меѓу Грција и Турција. Теоретски, двете влади имаат политичка волја да разговараат и за тешките прашања на билатералните односи, особено за определување на морските граници меѓу двете земји. Но досега тоа не се случи. Во моментов ниту Атина ниту Анкара не се подготвени за компромис.
Иако опасните тензии што владееја во летото 2020 во Егејот завршија, сè уште има помали судири околу воздушниот простор и територијалните води. Турција дури бара да биде консултирана за истражувањата на Грција за поставување електричен кабел меѓу Крит и Кипар. А кога не е консултирана, испраќа воени бродови во Егејот, како што направи минатата есен пред брегот на Касос.
Последната напнатост меѓу двете земји настана кога Атина на 21 јули годинава одлучи да објави создавање на два нови морски парка во Јонското Море и во Јужниот Егеј. Турското МНР веднаш реагираше и забележа дека „еднострани мерки во затворени или полу-затворени мориња како Егејот и Средоземното треба да се избегнуваат“.
Всушност, морските паркови имаат врска само со заштита на животната средина, но зад секоја карта на Егејот што ја презентира Грција или Турција, другата страна гледа провокација. Анкара веднаш реагираше и на втори август објави карти на своите „заштитени морски подрачја“ во северниот Егеј и источниот Медитеран – од Родос до Заливот на Анталија. Грчкото Министерство за надворешни работи веднаш реагираше и ја нарече турската најава „неприфатлив, едностран и незаконски чин, кој нема никакви правни последици врз грчките суверени права и претставува целосно непочитување на меѓународното поморско право“.
Турските туристи на Лезбос не се грижат за овие политички расправии. Тие уживаат во убавините на островот.