Умира ли туризмот во Црна Гора?
24 јули 2025Поранешниот симбол и бренд на црногорскиот туризам, градот-хотел Свети Стефан, го дочекува својот 65-ти роденден затворен за туристи, а покрај бројните најави, никој не знае дали и кога ќе биде повторно отворен. Според официјалните податоци, во Црна Гора моментално престојуваат над 130 илјади туристи. Додека Владата бележи позитивни бројки, туристичките работници велат дека сезоната е слаба и дека сè уште се чека нејзиниот врв.
Градот-хотел Свети Стефан затворен 5 години
Поранешното елитно летувалиште и гордост на туристичката понуда на Црна Гора од 2021 година зјае празно. Катанецот е ставен откако закупецот, компанијата „Adriatic Properties“ и Владата не успеаја да се договорат за условите и начинот на користење на островот и плажите за сите туристи, а не само за гостите на хотелот. Спорот, вреден сто милиони евра, се наоѓа пред арбитражниот суд во Лондон, а завршните зборови се закажани за крајот на јули.
Советникот во општинскиот парламент на Будва, Ѓорѓе Зеновиќ, за ДВ изјави дека со години заклучениот Свети Стефан е симбол на безнадежноста во која се наоѓа Црна Гора како туристичка дестинација.
„Можеби моментот на давање во долгорочен закуп на овој природен и културен бисер на Медитеранот беше почетокот на назадувањето на Будва и Црна Гора како голем туристички потенцијал“, вели Зеновиќ. Поради некористење, хотелот „пред очи пропаѓа“ и, според туризмологот Мишко Раѓеновиќ, може да го дочека крајот на судењето во уште полоша состојба.
„Можеби треба што поскоро да се организира вонсудско порамнување за хотелот да се подготви за следната сезона. Да беше Свети Стефан отворен, можеби покрај бројни светски личности и Џеф Безос ќе се венчаше на популарниот Светец“, вели Раѓеновиќ за ДВ.
Не помогна ни Новак Ѓоковиќ
На почетокот на февруари оваа година, најуспешниот тенисер во историјата, Новак Ѓоковиќ, се обиде да помогне за да се тргне катанецот од Свети Стефан. По разговорот со премиерот Милојко Спаиќ, Ѓоковиќ за „Вијести“ изјави дека ќе го искористи своето име и влијание за да се реши проблемот меѓу Владата и закупецот.
Како глобален амбасадор на компанијата „Aman“, тој појасни дека имале „иницијални разговори“ и се информирале „околу сè", нагласувајќи дека се обидува да работи за „општиот интерес“ на Црна Гора и дека се надева оти решението ќе биде „на хоризонтот“...
Сезона „одлична“ колку што може да биде
Според податоците на Националната туристичка организација и локалните туристички организации, во Црна Гора моментално престојуваат над 130 илјади гости. Од Министерството за туризам велат дека е евидентно дека колективното сместување, според извештаите од Букинг (Booking), бележи пораст од 4% во однос на минатата и 16–17% во однос на 2019 година, која се смета за рекордна сезона.
Долгогодишниот угостител од Петровац, Илија Арменко, за ДВ вели дека најдобро за сезоната зборува податокот дека во Црна Гора престојуваат околу 130 илјади гости, а има околу 500 илјади кревети. „Во деведесеттите години Црна Гора бележеше десет милиони ноќевања, сега не надминува милион и пол. Сега зборуваме за умирање на туризмот. Мораме да си погледнеме во очи“, истакнува Арменко.
Во Будва – очекувано
Сезоната во Будва е на задоволително ниво, велат од локалната туристичка организација. И покрај официјалната статистика, некои претставници на туристичката индустрија не се задоволни бидејќи имале поголеми очекувања.
„Учество на општина Будва во вкупниот туристички промет во Црна Гора за периодот јануари–мај изнесува 40% во доаѓања и 43% во ноќевања. Според прелиминарните податоци на Управата за статистика на Црна Гора – Монстат, во Будва во колективното сместување, за првите пет месеци, се евидентирани 167.331 доаѓања и 470.162 ноќевања на гости.
Во споредба со истиот период минатата година, забележан е раст на доаѓањата за 2%, додека кај ноќевањата има пад од 4%. Најмногу гости има од Германија, Србија, Франција, Обединетото Кралство, Израел, Турција, Албанија, Кина, Австрија и Хрватска“, истакнува директорката на ТО Будва, Ана Вујошевиќ.
Црна Гора ја изгуби битката со регионот?
Зголемувањето на даноците во туристичкиот сектор, отсуството на јасна стратегија за привлекување гости, потпирањето на околности кои ги погодуваа конкурентните туристички дестинации, прекумерната урбанизација по мерка на градежните лобија, а не на граѓаните и туристите, ценовната политика, „ад хок“ лоши и непромислени потези на локалните и државните власти, отсуството на основна патна и градска инфраструктура, се само дел од причините зошто Црна Гора се најде во ваква ситуација, истакнува Зеновиќ.
„Од друга страна, Албанија правеше сè спротивно од нас и се најде на сите светски мапи по природни убавини, уредени летувалишта, квалитетна и пристапна понуда за сместување и оригинална гастро понуда. До таа мера што ја загрози и Хрватска и бележи незауздлив раст во сите параметри. Оваа сезона можеби според прогнозите и очекувањата е послаба, но според тоа колку и како работевме, е одлична“, вели Зеновиќ и заклучува дека се плаши какви сезони нè очекуваат во наредните години ако свеста на оние што одлучуваат „радикално не се промени“ и ако не сфатиме дека не само Црна Гора има море, планини и езера.