ЕУ и САД ги прецизираа деталите околу царинскиот договор
21 август 2025Во писмена изјава, ЕУ и САД се согласија за деталите во решавање на нивниот трговски спор. Во изјавата се наведува дека САД ќе ги намалат своите царини за автомобили ретроактивно до почетокот на овој месец, штом ЕУ, од своја страна, ќе го започне законодавниот процес за увозни концесии за одредени американски производи. На пример, царините за американски индустриски стоки треба целосно да се укинат, а бариерите за увоз на одредени прехранбени производи треба да се отстранат.
Според ЕУ, ова би можело да резултира со намалување на американските царини за увоз на автомобили од Германија и други земји од ЕУ на 15 проценти ретроактивно од 1 август. Комесарот на ЕУ за трговија, Марош Шефчовиќ, објави во Брисел дека ЕУ ќе ги исполни потребните услови за ова. „Мислам дека ова е добредојдена вест за автомобилската индустрија“, изјави тој. Царината за автомобили увезени од ЕУ во САД до сега беше 27,5 проценти.
Производителите на автомобили од ЕУ залудно чекаа на очекуваните намалувања на царините по договорот постигнат меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 27 јули, бидејќи нивните возила првично не подлежеа на договорената нова основна царинска стапка од 15 проценти, а ова сега ќе се промени.
Во документот се детализираат и бројни други претходно познати договори меѓу ЕУ и САД. На пример, ЕУ вети дека ќе купи американски енергенси во вредност од 750 милијарди долари до крајот на мандатот на Трамп. Според претходните изјави на претседателката на Комисијата, фон дер Лајен, течниот природен гас, нафтата и нуклеарното гориво од САД ќе ги пополнат празнините што ќе се појават по планираното целосно напуштање на рускиот гас и нафта. Покрај тоа, ЕУ му вети на Трамп дека ќе инвестира дополнителни 600 милијарди долари во САД во наредните години.
Како што рече Шефчовиќ, ЕУ засега не успеа да ги вклучи виното и жестоките пијалоци во новиот трговски договор. Сепак, вратите не се целосно затворени. Според Шефковиќ, договор во оваа област нема да биде лесен. Понатаму, дигиталниот сектор е исклучен од тековните трговски разговори.Заедничката декларација не е правно обврзувачка. ЕУ мора да се плаши дека Трамп еднострано повторно ќе ги зголеми царините ако договорите не се спроведат. САД не го прифатија предлогот на ЕУ за целосно откажување од царините за индустриски стоки.