ЕУ ги одложува подготвените контра-царини во спорот со САД
14 јули 2025Во царинскиот спор со САД, ЕК нема, како што беше првично планирано, од денеска да спроведува контрамерки, туку ќе ги одложи до почетокот на август, како што соопшти претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. ЕУ сака да сочека дали договор со САД е можен и покрај заканата од претседателот Доналд Трамп за зголемување на царините на 30 проценти за увозот од ЕУ на 1 август. Сè уште има надеж за договор, рече Фон дер Лајен. „САД ни испратија писмо со мерки што би стапиле во сила доколку нема договорно решение, па затоа суспензијата на нашите контрамерки ќе ја продолжиме до почетокот на август“, рече таа и нагласи дека ЕУ нема да седи со скрстени раце. Комисијата ќе подготви дополнителни мерки во претстојните недели „за да бидеме оптимално подготвени“, објасни фон дер Лајен.
Неколку држави очигледно се за натамошни преговори
Фактички денеска требаше да стапат на сила пакет контра-царини во вкупен износ од 21 милијарда евра против САД, бидејќи САД веќе покачија повеќе царини вклучително и за производи од ЕУ. Сојузната германска влада и неколку други држави на координациите во текот на викендот според информации на новинската агенција Ројтерс, се залагале за тоа за сега да се одложи овој чекор за да не се отежнат преговорите со Вашингтон.
Мерц: царинска војна би ја погодила германската економија „во срж“
Канцеларот Фридрих Мерц предупреди дека продолжен спор околу царините меѓу ЕУ и САД сериозно ќе ѝ наштети на германската економија. „Доколку тоа се случи, би можеле да заборавиме голем дел од нашите напори за економската политика“, рече Мерц во летното интервју за АРД. „Тоа би засенило сè друго и би ја погодило германската извозна индустрија директно во срж“, вели канцеларот. Затоа тој многу интензивно се залага да се најде решение. „Тоа претпоставува единство во рамките на ЕУ и разумни релации со американскиот претседател“, рече Мерц. Тој разговарал со американскиот претседател во петокот, а на викендот и со францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на ЕК.
Клингбајл: „Нема да прифатиме сè"
Сојузниот министер за финансии Ларс Клингбајл за „Зидојче цајтунг“ уште пред одлуката од Брисел наведе дека се потребни сериозни преговори меѓу ЕУ и САД водени со цел. „Нашата рака останува подадена, но нема да прифатиме баш сè", рече вицеканцеларот и лидер на СПД. Доколку не се постигне „фер договорно решение“ ЕУ според него мора „да преземе одлучни контрамерки за да ги заштити работните места и компаниите во Европа“.
Клингбајл жали за најавата за царини од Белата куќа. „Царините на Трамп ќе создадат само губитници“, вели тој и додава дека „тие претставуваат барем иста закана за американската економија колку што претставуваат за компаниите во Европа“.
Макрон бара контрамерки
Францускиот претседател Емануел Макрон го изрази своето „многу силно неодобрување“ во однос на заканите од Трамп. Тој ја повика ЕК „енергично да ги брани европските интереси“. Унијата според него мора да ја забрза подготовката на „кредибилни“ контрамерки за случај да не се постигне договор до август.
Американскиот претседател на почетокот на април предизвика царински конфликт со трговски партнери ширум светот и првично најави високи додатни царини за ЕУ и бројни земји, но потоа ги намали на базичната стапка од десет проценти со цел да се спроведат преговори во рок од 90 дена.
САД: Новата базична царинска тарифа не важи за автомобили и челик
Трамп минатиот понеделник го продолжи рокот до 1 август и во меѓувреме во писма до повеќе од 20 земји најави кои царински стапки ќе важат за нив од тој датум. За Канада, на пример, неодамна објави царинска стапка од 35 проценти. Според Трамп, најавената царина од 30 проценти за увозот од ЕУ не влијае на одредени сектори - вклучувајќи ги автомобилскиот и за челикот. На прашањето дали увозот на производи како автомобили, челик и алуминиум ќе биде ослободен од дополнителни давачки, Белата куќа на прашање на Германската новинска агенција рече дека „секторски царини се третираат одделно и не се кумулираат“. САД актуелно пресметуваат царина од 25 проценти за увезени автомобили и автоделови од ЕУ и 50 проценти за увоз на челик и алуминиум.